Дали проблемите од старата учебна година со коишто се соочуваа учениците во Македонија ќе се наталожат и во новата? Ќе добијат ли свои учебници децата од трето и од шесто одделение? Ќе бидат ли принудени наставниците повторно да импровизираат со привремени материјали, со печатење текстови од Интернет?
Од Министерството за образование и наука (МОН) се сигурни во својот став: проблеми во септември нема да има, а учебниците ќе завршат во рацете на учениците до крајот на распустот.
Оттаму велат дека доцнењето на учебниците минатата учебна година се случило поради постапката за изработка и одобрување учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование.
-Едноставно, се случува да не се заокружи процесот пред почетокот на новата учебна година, или, пак, за предметот да нема доволно интерес за доставување ракописи од автори и потоа целиот процес мора да почне од почеток. Се случува и да бидат доставени ракописи, но рецензентските комисии да побараат корекции за кои авторите мора да постапат, а сето тоа ја пролонгира постапката и троши драгоцено време. Исто така, уште еден голем проблем претставува тоа што немаме доволно рецензенти кои даваат стручно мислење за ракописите. Како и да е, очекуваме оваа учебна година да започне без проблеми и сите ученици да ги добијат навреме своите учебници. Апелираме до учениците, родителите и до наставниците да бидат ослободени од грижите кои ги имаа во изминатите години во поглед на книги, наставни средства, услови за настава – брифираат од МОН.
Новата учебна година ќе започне на 1 септември, а ќе заврши на 17 јуни откако на владина седница, на предлог на МОН беше изгласана одлуката да има и пролетен распуст.
Пролетниот распуст ќе биде во период од 29 до 5 мај. Првото полугодие ќе заврши на 29 декември, а второто ќе почне на 22 јануари.
Со ова, ќе им се овозможи на учениците да имаат пролетен распуст по примерот на европските држави.