Електричните автомобили го зголемуваат своето присуство во глобалната автомобилска индустрија, а во Европа веќе сочинуваат 15,1% од новите регистрации.
Според податоците на здружението на производители (ACEA), во првата половина од годината тој сегмент забележа раст на продажбата од 53,8%, веќе надминувајќи го својот удел на пазарот во однос на некогаш доминантните возила со дизел мотор (треба да се има во предвид дека дизел моделите сѐ се помалку на пазарот).
Од сите земји на „Стариот континент“, нордиските земји беа првите кои силно ја прифатија електрификацијата и оттогаш тие се оние кои го поставуваат темпото на цела Европа.
Во моментов Норвешка е земја каде што електричните автомобили се најприфатени со 84% од вкупниот број нови, а потоа следат Исланд, Шведска и Данска.
Сепак, една неодамнешна студија спроведена во Франција од „Monta“, дански старт-ап, во соработка со мултинационалната консултантска компанија за анализа на пазарот „YouGov“, открива дека многу купувачи на електрични автомобили не се задоволни.
Во Франција, имено, прифаќањето на електричните автомобили е на европскиот просек (12%), но од 6.167 анкетирани сопственици, повеќе од половина (54%) жалат за својата одлука. Меѓу наведените причини, првото нешто што се издвојува е зголемувањето на цената на полнење, која во Европа е двојно зголемена за само три години.
Но, и француските сопственици на електрични автомобили го изразија своето незадоволство од понудите на мрежата станици за полнење, кои на различни локации се многу променливи во однос на тарифите и, во многу случаи, клиентот ја открива вистинската цена дури по завршувањето на наплатата.
Во моментов, многу нестабилната цена на струјата, недоволната транспарентност во понудата и слабата видливост на најдобри цени за корисниците, според студијата би биле три причини за ова растечко незадоволство што го делат многу корисници на електрични автомобили.
Поголемиот дел од француските возачи на електрични модели, според извештајот на „Monta“, ја истакнале оскудната и недоволна инфраструктура за полнење, што на ниту еден начин не придонесува за плановите за општо прифаќање на електромобилноста.
Извор: denar.mk