Од 1 декември 2021 година употребата на пластични кеси за еднократна употреба на пазарот во земјава е забранета, а во маркетите и на пазарите дозволени се само биоразградливи кеси кои се наплаќаат по 15 денари. Согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување, средствата од продажбата на кеси се собираат во посебен фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање, а до крајот на 2022 година по овој основ се собрани речиси два милиони евра.
Законот предвидува средствата собрани во овој фонд да се искористат за еколошки проекти, а од МЖСПП за МИА велат дека собраните средства од наплата на пластични кеси се распределуваат согласно донесена Програма и истите ќе се искористат за набавка на садови за собирање отпад – контејнери и еден дел за кампања за подигање на јавната свест за потребата од селекција и можностите за рециклирање.
Од МЖСПП посочуваат дека целта на мерката не е да се наплаќаат кесите, туку да се демотивираат граѓаните за нивна употреба и дека податоците што ги имаат укажуваат на виден ефект во таа насока.
– Податоците и собраната сума укажуваат на виден ефект, особено во големите ланци на маркети, особено што во некои целосно се заменети со еколошки торби за транспорт на купената стока. Целта на мерката не е да се наплаќаат кесите туку да се демотивираат граѓаните за нивна употреба. И овде имаме примена на принципот загадувачот плаќа, а собраните средства се враќаат во проекти за намалување на отпадот и воспоставување на системот на регионално управување со отпад, велат од МЖСПП за МИА.
Целосната забрана за употреба на пластични и оксо-биоразградливи кеси на пазарите во земјава првично требаше да стапи на сила од 1 јуни годинава, но пред овој рок од МЖСПП информираа дека таа ќе стапи на сила од 1 јуни 2024 година.
На прашањето од МИА зошто се одложи целосната забрана за пуштање во промет на пластични кеси од МЖСПП, велат дека „вакви мерки мора да го имаат предвид и социјалниот момент и влијанието врз производителите кои мора да се приспособат на новите законски обврски“.
Вкупно 7 169 контејнери ќе бидат распределени по општините
Согласно годишната Програмата за распределба на собраните средства за 2023, донесена во февруари годинава, 105 милиони денари ќе бидат наменети за изградба на инфраструктурни објекти за собирање, преработка, рециклирање и отстранување на отпад од поширок јавен интерес, а останатите 15 милиони денари за реализирање на проект за едукација и подигнување на јавната свест на граѓаните и субјектите за постапување со посебните текови на отпад.
Така 105 милиони денари ќе се користат за набавка на 7 190 контејнери за собирање на отпад од хартија, тетрапак, пластика и метал, за сите општини во Република Северна Македонија. Јавната набавка на контејнерите ја објавува и спроведува МЖСПП, по што тие ќе бидат поделени на општините.
Доделувањето на бројот на контејнерите се врши врз основа на бројот на жителите во општините и тоа за општина до 5000 жители се доделуваат 13 контејнери, за општина од 5001 до 15000 жители се доделуваат 40 контејнери, за општина од 15001 до 23000 жители се доделуваат 60 контејнери, за општина од 23001 до 40000 жители се доделуваат 104 контејнери и за општина над 40000 жители се доделуваат 260 контејнери. Согласно податоците од Пописот 2021 година низ 80 општини треба да бидат поделени 7 169 контејнери.
Па така 17 општини ќе добијат по 13 контејнери и тоа Вевчани, Градско, Дебрца, Демир Капија, Дојран, Зелениково, Зрновци, Карбинци, Конче, Лозово, Новаци, Пехчево, Пласница, Ранковце, Росоман, Старо Нагоричане и Центар Жупа.
Најмногу, 27 општини ќе добијат по 40 контејнери, и тоа Арачиново, Берово, Богданци, Босилево, Брвеница, Валандово, Василево, Виница, Делчево, Демир Хисар, Долнени, Јегуновце, Кратово, Кривогаштани, Крушево, Маврово и Ростуше, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Ново Село, Петровец, Пробиштип, Ресен, Сопиште, Чашка, Чешиново-Облешево и Чучер-Сандево.
По 60 контејнери ќе добијат 12 општини, меѓу кои Боговиње, Врапчиште, Гевгелија, Дебар, Желино, Илинден, Крива Паланка, Липково, Неготино, Свети Николе, Студеничани, Теарце, додека по 104 контејнери ќе добијат седум општини и тоа Бутел, Сарај, Шуто Оризари, Кавадарци, Кичево, Кочани и Радовиш.
Најмногу, по 260 контејнери ќе добијат 17 општини, и тоа Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир, Битола, Велес, Гостивар, Куманово, Охрид, Прилеп, Струга, Струмица, Тетово и Штип.
Исклучок се пластичните кеси за ѓубре и подебелите кеси што може да се користат повеќе пати
Согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување од 1 декември 2021 година се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки за еднократна употреба на пазарот во Република Северна Македонија.
Според појаснувањето објавено од МЖСПП, дозволено е пуштање на пазарот на територијата на државата само на биоразградливи кеси за носење на стоки што се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост објавени во Правилникот за стандардите за биоразградливост што треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција („Сл весник на РСМ“ 265/2021).
Овие одредби се однесуваат за пластични кеси за носење на стоки за кои се наплаќа надоместок од 15 денари и се задолжително биоразградливи. Ова се кесите што секојдневно се даваат на каса (на местото на продажба) при купување во мини маркети, супермаркети, гранапи, пиљарници, мали продавници за секојдневни намирници, пекарници, киосци, киосци за брза храна, зелени пазари, бензински станици со минимаркети.
– Под биоразградливи се подразбира дека до 1 јуни 2023 може да се пласираат оксо-биоразградливи кеси (МКС 1009) кои беа од 2013 година задолжителни. По 1 јуни 2024 задолжително се пласираат кеси кои се изработени од материјал кој може да се разгради (како и секој органски материјал од вода, јаглерод диоксид и биомаса – стандардМКС EN ISO 17556: 2020), појаснуваат од МЖСПП.
Многу лесните пластични кеси за носење на стоки се целосно забранети. Тоа се кесите чијашто дебелина е пониска од 15 микрони, односно оние кои се користеа за пакување/размерување на овошје и зеленчук на пример.
Исклучок од овие забрани се пластичните кеси за ѓубре и кесите кои се подебели од 50 микрони и може да се користат повеќе пати.
– Пластични кеси за носење на стоки за кои не се однесува надоместокот од 15 денари и стандардите за биоразградливост се оние кои се даваат на потрошувачите на каса (на местото на продажба) во продавници каде се продаваат стоки што не се за секојдневна општа употреба како книги, облека, обувки, алати, електрична и електронска опрема, продавници за покуќнина, занаетчиски дуќани, за сувенири, уметнички галерии, за козметички производи, аптеки (земјоделски, за медицински помагала и сл.). Овие кеси се препорачува да бидат подебели (над 50 микрони) како би можеле да се употребуваат повеќекратно и да се отстранат во контејнерите за пластика (жолт контејнер) од каде би се однеле на рециклажа во локалните компании за рециклирање и кај самите производители на пластични кеси кои повторно од нив би направиле нови кеси. Кесите за ѓубре не претставуваат кеси за носење на стоки и не се опфатени со овие мерки, се вели во појаснувањето од МЖСПП.