На спортскиот аеродром во скопски Стенковец, во сабота ќе се одржи голем аеромитинг по повод одбележување на јубилејот „100 години Македонска авијација“, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година.
Два српски суперсонични пресретнувачи МИГ-29 заедно со два борбени авиони од типот Ф-16 на грчкото воено воздухопловство, придружувани многуверојатно и со неколку „Јурофајтер тајфун“ суперсонични ловци од 4+ генерација на италијанските воздухопловни сили како и повеќе од 30 летала од земјава и странство овој викенд ќе бидат учесници на големиот аеромитинг во сабота, 16 септември, на спортскиот аеродром Стенковец кај Скопје.
Поводот за присуството на големиот број на воздухоплови над скопското небо е одбележувањето на јубилејот – 100 години Македонска авијација, за чиј почеток се смета основањето на „Аероклубот Скопје“ во далечната 1923 година.
Вратите за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот.
-Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации, најавуваат организаторите.
Влезот на аеромитингот ќе биде бесплатен за посетителите, но, бидејќи паркинг-местата се ограничени, на посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси кои тргнуваат во 8.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.
Низ годините во клубот поминале над 3.000 воздухопловни ентузијасти, пилоти, едриличари, падобранци и механичари.
-Низ овие години тој изгради силна репутација за воздухопловна безбедност, образование и обука, и обезбеди можности за младите луѓе да продолжат со кариерата во воздухопловството, посочуват од клубот.