Проширувањето на автоматизацијата неизбежно ќе донесе одредени промени на пазарот на трудот. Ова ќе има влијание врз зајакнувањето на свеста од потребата за човечка креативност со посебни вештини. CareerBuilder, глобална онлајн платформа за поврзување на работобарателите со работодавачите, објави студија за американскиот пазар на труд која предвидува вработување на осум милиони луѓе во текот на следните пет години.
Па така, во категоријата на добро платени работни позиции најбарани ќе бидат сметководителите. Оваа побарувачка се очекува во блиска иднина, бидејќи за понатака се смета дека тие ќе бидат заменети со компјутери. Ќе има работа и за наставниците, истражувачите на пазар, водоинсталатерите и за оние позиции од областа на компјутерската поддршка.
Што се однесува за средно платените позиции, во САД во наредните години ќе се отворат дополнителни 50 илјади работни места за доставувачи, иако и за нив се смета дека релативно брзо ќе бидат заменети од страна на автономни коли и комбиња, како и дронови. Голема побарувачка ќе има и за градежните работници, медицинските сестри и кадрите од финансискиот сектор.
Меѓу послабо платените работни места, најлесно ќе се ангажираат трговци, готвачи, негуватели и хотелски рецепционери.