Со рационално користење на електричната енергија во домот може да се заштеди и до 10 отсто од вкупната потрошувачка, а тоа би значело заштеда од околу 300 денари доколку месечната сметка за струја изнесува 3.000 денари.
Ова во разговор за Денар го тврдат експерти од областа на енергетиката, кои посочуваат дека со мали дополнителни инвестиции, заштедите на електрична енергија во домот можат да бидат и двојно поголеми.
Ваквото откритие е особено важно за сите нас кои секој зимски месец буквално „се препотуваме“ додека го отвораме ковертот во кој е испишана цифрата што треба да ја платиме за потрошена електрична енергија.
„Не знам дали сте знаеле, ама ние трошиме три до четири пати повеќе електрична енергија од европскиот просек. Слична е ситуацијата и со соседните земји. Домаќинствата во Македонија најмногу електрична енергија трошат на затоплување во текот на зимскиот период – дури 60 проценти, а проблемот е во тоа што најголемиот дел од граѓаните живеат во згради и куќи кои не се добро изолирани“, објаснуваат експертите.
Наведувајќи примери за нерационално трошење на струјата, експертите велат дека најголема потрошувачка се прави кога станот или куќата се грее или се лади со вклучена клима, а прозорците се отворени „на кипање“.
Според познавачите, најголем потрошувач на електрична енергија во домаќинството е бојлерот, кој троши околу 10 проценти од енергијата, а потоа следуваат електричниот шпорет, фрижидерот и клима-уредите.
„Онаму каде што најмногу трошите, всушност, можете и најмногу да заштедите“, советуваат експертите.
Во однос на заштедата при греење на домот во зимските студени денови, тие велат дека со секој дополнителен степен од она што ни е доволно значи дека трошиме 7 проценти повеќе енергија од вообичаеното.
Како добро долгорочно решение ја спомнуваат енергетската ефикасност што ја нудат изолациските фасади на зградите и на куќите, како и менувањето на старите прозорци со нови. Со ваков влог, порачуваат познавачите, едно домаќинство може да заштеди и до 40 проценти од енергијата.
„Ако ставивте изолација на фасадата на вашето живеалиште и доколку купивте нови прозорци и врати, тогаш време е да го смените и системот за греење. Граѓаните што се греат на струја можат да размислат да се префрлат на греење со топлински пумпи, бидејќи на овој начин потрошувачката на електрична енергија се намалува дури за 3 пати“, порачуваат стручњаците.
Тие советуваат особено внимание да посветиме и на т.н. „енергетски вампири“ во домот, кои трошат прилично многу струја во текот на месецот, а за кои ние сме убедени дека високата сметка не зависи од нив.
Всушност, тоа се уреди кои вообичаено трошат малку енергија, но поради тоа што работат 24 часа во денот, трошат многу струја кога ќе се удри пресметка на крајот од месецот.
Помеѓу тие уреди се телевизорите и компјутерите, посочуваат познавачите, а како што велат, доколку постојано ги држите исклучени кога не ги користите, тогаш би можеле да заштедите и до 5 проценти од вкупната електрична енергија.