Согласно најновите мерки би требало да се намалат цените на 1600 производи но оние кои се во групата на луксузни прехранбени производи си остануваат скапи.
По намалени цени се продаваат и пијалоците, а се намалува и маржата за овошјето и зеленчукот
Се проширува листата на производи со „гарантирана цена“. По намалени цени се продаваат и пијалоците, а се намалува и маржата за овошјето и зеленчукот. На новата листа на производи кои ќе се продаваат по пониска цена се најдоа и безалкохолните пијалоци, газираната и негазираната вода и пивото.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе нова одлука со која поевтинуваат светлото пиво и лагер пивото, газираните и негазираните пијалоци, со исклучок на енергетските пијалоци, минералната газирана и негазирана природна вода. За 10 проценти ќе се намали цената на овие производи по која што се продавале на 19 септември. „Гарантираната цена“ за сите овие производи ќе важи до 30 ноември.
Владата донесе и Одлука и за укинување на увозните давачки за увоз на агруми, свежи или сушени. Со одлуката се укинуваат увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки за: лимони, портокали, мандарини, грејпфрут, при што е зголемена квотата на 2 тона јужно овошје, кое времено ќе се увезува без царински давачки. Целта и со оваа одлука е намалување на цените на овие производи. Количината на овие производи е предвидено да се распределува на регистрираните увозници на овошје по принципот „прв дојден прв услужен“, а стоките согласно оваа одлука е предвидено да се увезуваат заклучно со 31 декември 2023 година. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“.
Во меѓувреме, од Министерството за финансии соопштија дека го прошириле асортиманот на прехранбени производи кои се оданочуваат со само 5% ДДВ и нивниот број сега е 1.600. Сите основни прехранбени производи што секојдневно ги консумираат граѓаните ќе се купуваат по поевтини цени, вклучително и пелетите за греење. Кај некои производи, намалувањето ќе биде од 10 до 30 проценти.
Согласно измените на Законот за ДДВ, луксузните прехранбени производи кои не се вклучени во исхраната и ретко се консумираат ќе се оданочуваат со 10%. Оние кои јадат месо од елен, риба лосос, кавијар, јагули, сино сирење, сирење од карамела, ленено семе, палмино и кокосово масло, тропско овошје како папаја, манго и авокадо итн., ќе треба да платат поскапо.