И покрај тоа што уште најбарани се автомобилите на бензин, зголемувањето на новорегистрирани автомобили во Европа во август е токму резултат на зголемувањето на популарноста на електричните возила.
Во август, електричните автомобили го забележаа вториот најголем месечен пазарен удел. На набљудуваните 28 европски пазари, електричните возила учествуваа со 22 отсто од вкупните регистрации, според JATO Dynamics.
Најпродаван модел е Tesla Model Y со 21.549 регистрирани автомобили во август, што е зголемување од 208 отсто во споредба со истиот месец лани. Во текот на првите осум месеци од годинава во Европа се регистрирани вкупно 169.420 нови електрични возила, најмногу досега.
Значителен раст на продажбата е забележан и за моделите како што се Tesla Model 3 (+307 проценти), Volkswagen ID.4 (+61%) и MG 4, шестиот најпродаван електричен модел во набљудуваниот период.
Добар резултат постигна и BMW iX1, кој беше продаден во 4.693 примероци. Исто така, силен раст на продажбата забележаа електричните возила како што е Mercedes EQA (3.706 единици).
Извор: kajgana.com