„ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ СО ПРЕДЛОЗИ ЗА ПОЧИСТ ВОЗДУХ
Грејната сезона започна, температурите паднаа, печките на дрва се разгореа, а со тоа стартува и проблемот со аерозагадувањето, со оглед на тоа што затоплувањето на домовите е најголемиот загадувач на воздухот во Скопје. „Зелен хуман град“ поднесе иницијатива за преземање итни мерки за заштита на квалитетот на воздухот во Скопје. Иницијативата се состои од 14 точки, од кои шест се за итно постапување и осум за комплетирање до крајот на мандатот на локалната самоуправа.
– Загадувањето е национален проблем, и Град Скопје мора да го заврши својот дел, но и Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина имаат своја улога (која ретко ја сфаќаат сериозно). Критично е Град Скопје да преземе мерки пред да почне главната сезона за загадување. Поголем дел од овие мерки ги имавме предложено и во јануари, но тогаш не наидовме на голем одѕив кај колегите. Затоа сега се надеваме дека нема да има никакви пречки од администрацијата и од колегите советници, туку дека веднаш ќе пристапиме кон имплементирање на овие обврски – потенцираат од ЗХГ.
Во продолжение се наведни мерките за итно постапување.
- Советот да ѝ препорача на Владата да го задолжи УХМР да започне со прогнозирање температурни инверзии во Скопската Котлина. Тие прогнози да се користат за предвремено дејствување со цел заштита на населението во Скопје.
- Јавно да се објави регистар со правни лица и каде се наоѓаат на територијата на Град Скопје кои, според закон, задолжително би морале да имаат Б-интегрирана дозвола за да работат, а при надзор е утврдено дека немале.
- Забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според чл. 145 став (2) алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно за ограничувањето во населени места 50 км/ч).
- Забрана за пластичен прибор и пластична амбалажа за еднократна употреба, како и продукти пакувани во пластична амбалажа во јавните набавки на Град Скопје.
- Вработување на најмалку петмина нови инспектори за животна средина и овозможување за користење на три возила на Инспекторатот со цел брзо постапување по пријави од граѓани.
- Замена на начинот на греење на сите објекти што се во сопственост или надлежност на Град Скопје и користат нафта, дрва или други загадувачки горива за загревање и итно префрлање на системот за загревање на струја (во комбинација со поставување фотоволтаици на покривите) или приклучување на градското парно.
До крајот на мандат се предлагаат следниве мерки.
- Густа локална мрежа од мерни станици, по една на максимум 1.500 м2, со приоритет на обиколување индустриски капацитети и погони (А и Б-интегрирани дозволи).
- Сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија како онаа од автомобилската мрежа: примарна веломрежа со патеки/ленти со поголема минимална ширина (2,5 метри наместо 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, улици со споделен простор, а со приоритет на велосипедскиот сообраќај итн.
- Десет градски биокомпостари – по една за секоја општина.
- Фотоволтаични системи на сите објекти под надлежност на Град Скопје.
- Субвенции за ФВ-системи за индивидуалните домаќинства.
- Субвенции за енергетски ефикасни фасади на објектите за индивидуално домување.
- Систем за самоизнајмување велосипеди.
- Високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај. Стратегија добиена низ партиципативен процес и базирана на факти.
– Загадувањето во Скопје со години е проблем на сите негови жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведувањето мерки, кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот, толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем – потенцираат од ЗХГ.
Предложени се и мерки за третман на отпадот според концептот „нула отпад“, мерки за сообраќај според превртена сообраќајна пирамида, каде што им се дава приоритет на најранливите учесници во сообраќајот, мерки за обезбедување енергетска независност на Град Скопје и неговите жители, кои воедно се и механизам за борба против енергетската сиромаштија, како и мерки поврзани со точно лоцирање на изворите на загадување во реално време и инспекциски надзор за контрола на загадувачите.