Деловниот свет е полн со бизарни приказни за успешни или неуспешни идеи кои им паднале на ум на луѓето со цел (обично брзо) да добијат пари. Еден од најбизарните, но и многу успешни и креативни, се случи пред 18 години и можеби одговара на прашањето како да се заработи првиот милион.
„Million Dollar Homepage“ е идејата на Алекс Тју, британски студент, која стана вирален феномен и постигна деловен успех.
Тју ја започна оваа веб-страница во 2005 година за да собере пари за школарина на колеџ. Неговата идеја беше едноставна: да создаде веб-страница со милион пиксели (блокови од 10×10 пиксели) и да понуди поединечни пиксели на продажба по цена од еден долар по пиксел.
Како да го заработите првиот милион?
Секој купувач на пиксели може да ја постави саканата содржина (најчесто линк до нивната веб-страница или лого) на својот пиксел. Тју направи правило дека секој блок од 10×10 пиксели мора да се продаде во целост пред да се заврши страницата. За да привлече клиенти, тој смислил маркетинг стратегија која вклучува медиумско покривање, онлајн ПР и социјални медиуми.
Веб-страницата брзо привлече внимание, а многу луѓе го видоа потенцијалот за рекламирање на „Million Dollar Homepage“. Со текот на времето, пикселите беа продадени, а веб-страницата се наполни.
Сè се случи за помалку од пет месеци и Тју го заработи својот прв милион.
Овој проект стана пример за креативен пристап кон интернетот и рекламирањето. Иако идејата можеби изгледаше бизарна, се покажа како успешна и профитабилна.
Успехот ве учи и на погрешни работи
Но, не завршува тука за Тју. Иако идејата беше да го плати своето образование, со своите 700.000 долари (мораше да плати данок за тој милион), тој ги напушти студиите и се пресели во Лондон.
Во следните неколку години, тој се обиде да создаде сличен проект, но не успеа.
„Успехот може да биде лош и може да ве научи на погрешни работи. Размислував за идеи кои ќе привлечат внимание, наместо да создадат некаква вредност“, рече еднаш Тју.
Сепак, во 2012 година ја лансираше апликацијата „Calm“ која нуди програми за медитација. По неколку бавни години, Тју почна да заработува пари од оваа апликација. Денеска вредноста на компанијата е околу две милијарди долари, а во првиот квартал од годинава имала приходи од над 20 милиони долари.
Извор: biznisinfo.mk