Со приближувањето на 15 ноември, кога истекува крајниот рок за промена на летните гуми и монтирањето зимски гуми на возилата, многу наши сограѓани, возачи на автомобили, се соочуваат со високи трошоци за оваа услуга.
Вулканизерите во Скопје почнаа да наплаќаат од 300 до 1.000 денари за едно променето тркало, а плус се доплаќа за балансирање на гумите.
За да ги промените сите 4 тркала во некој локален вулканизер ќе треба да платите најмалку 1.200 денари.
„Ова е премногу пари за една обична услуга. Ако се земе предвид дека во годината се предвидени две менувања на гумите, вкупната годишна цена изнесува над 3.000 денари, а тоа не се малку пари”, вели 57-годишниот Драгиша, таксист од Скопје.
Од друга страна, вулканизерите се правдаат дека цената е реална, бидејќи менувањето гуми бара многу работа и време.
„Не е толку едноставно како што изгледа. Прво ги вадиме гумите од возилото, па ги вадиме бандажите, ги монтираме зимските гуми на бандажите, ги балансираме, па на крајот ги монтираме. За промена на гуми на еден автомобил се потребни најмалку 40 минути”, кажува Петар, сопственик на вулканизерска работилница.
Според Законот за безбедност на сообраќајот, возачите кои немаат зимски гуми по 15 ноември ризикуваат да бидат казнети или да им биде одземена возачката дозвола на одредено време.
Инаку, под зимска опрема се подразбира зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од четири милиметри (4 mm) или гуми со летен профил на сите тркала, со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 mm), како и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.