На 13 февруари 2024 година нема да можете да преминете надвор од државните граници со валиден пасош на кој стои старото име „Република Македонија“, односно, од тој датум, станува невалиден. Исто така, ако ве запре полиција со возило ќе ви напише казна ако вашата возачката дозвола не е со името „Република Северна Македонија.“ Неважечки ќе бидат и личните карти. Ниту една институција нема да ги прифаќа како важечки документ.
Цената за пасош во редовна постапка за лицата до 27 си останува 1500 денари, но цената на пасошот за лицата над 27 години е зголемена за 500 денари и сега изнесува 2.000 денари. Цената за добивање пасош по итна постапка е зголемена за 1.600 денари па од 4 500 сега изнесува 6.100 денари. При вадењето пасош, на овие цени се наплаќа и административна такса од 300 денари. Тоа значи дека секој граѓанин над 27 години кој ќе вади нов пасош ќе треба да плати 2300 денари.
За 130 денари е поскапено и вадењето возачка дозвола во редовна постапка и изнесува 410 денари, додека добивањето возачка дозвола во итна постапка чини 1.230 денари, што е зголемување за 390 денари. На овие цени се наплаќаат дополнителни 110 денари за административна такса. Нова лична карта сега чини 310 денари.
Покрај оваа промена на цените, граѓаните се во исчекување и на најавеното решение за употреба на налепници со „NМК“ на регистарските таблички наместо промена со нови.