Кванташкиот пазар во Скопје долги години беше место на кое што се вршеше откуп на свежо овошје и зеленчук.
Таму на едно место се состанувааа откупувачите, трговците, земјоделците, сопственици на пилјари, ресторани, маркети, сопственици на тезги по зелените пазари.
На кванташкиот пазар овошјето и зеленчукот се продава од камиони, комбиња, импровизирани тезги, монтажни магацини со комори.
Дали овој начин на трговија со овошје и зеленчук ќе биде заменет со нов и посовремен начин и што тоа ќе значи за трговците и земјоделците останува времето да покаже.
Започнат е процесот за изградба на првата логистичко-дистрибутивна платформа во Република Македонија.
Оваа платформа, како стратешка инвестиција, предвидено е да се простира на околу 30.000 метри квадратни и да процесира околу 46.000 тони овошје и зеленчук.
Овој логистички центар во Скопје ќе биде во населбата Гази Баба.
Логистичко-дистрибутивната платформа ќе овозможи организирање и унапредување во снабдувањето со безбедни и свежи прехранбени производи, ќе овозможи поедноставен пристап до пазарот за локална свежа храна и ќе обезбеди логистички и други услуги за земјоделско-прехранбениот сектор, за домашниот и меѓународниот пазар.
Средствата за изградбата на платформата се обезбедени преку Проектот за модернизација на земјоделството, кој се финансира со поддршка од Светска Банка во износ од 46 милиони евра и 4 милиони евра грант од Европската Унија преку ИПА фондовите.
Вакви центри за откуп на земјоделски производи ќе има и во Струмица и Ресен.