Одењето на интервју секогаш претставувало истовремено и стресен и возбудлив момент, дури и за најспремните. Стресот и возбудата знаат да направат вистински турбуленции во вашата глава и да ве натераат во последен момент да се повлечете. Зголемениот број на кандидатите кои не се појавуваат на интервју е "тренд" во последно време, а причините за тоа се многубројни.
Анкетата Зошто не би се појавиле на интервју за работа на порталот www.vrabotuvanje.com.mk се обиде да помогне на двете страни, и на работодавачите и на работобарателите, со тоа што ги откри најчестите причини зошто Македонците не би отишле на интервју.
Според добиените резултати, причината поради која поголем дел од испитаниците не би се појавиле на интервју е пронаоѓањето на друга работа (35%). Дел од нив велат дека обичај е да се аплицира на повеќе работни места, а имаше и такви кои рекоа дека доколку решиле да не дојдат на интервјуто би се јавиле за да го најават нивното недоаѓање.
27% сметаат дека оправдана причини за откажување е локацијата на компанијата, односно нејзината преголема оддалеченост. Еден од коментарите е дека доколку не се поседува сопствено возило, трошоците за превоз до потенцијалното ново работно место се големи за некој кој моментално е невработен. Во случај кога би се користел јавен превоз можеби ќе треба дополнително да се оди со такси или некаде да се преспие кога станува збор за далечно место, додава истиот. Друг анкетиран го дели мислењето погоре и вели дека причините зошто не би отишол на интервју е ако компанијата е предалеку и не ја знае точната локација на истата.
Одреден дел од испитаниците се изјасниле дека аплицирале туку-така и немале никакви очекувања да бидат повикани на разговор (16%).
14% не се појавиле на интервју бидејќи се премислувале во последен момент.
Според моето досегашно искуство многу од компаниите имаат практика да спроведуваат процес на селекција кој се состои од двочасовно трестирање и после тоа следи интервју. Работодавците речиси секогаш интервјуата ги закажуваат за време на работното време. Не сум во можност да барам слободен ден или пак да излегувам од работа толку често за да одам на интервјуа и тестирања, вели еден од испитаниците.
Дел од причините зошто луѓето би се предомислиле во последен момент е доколку до нив стигне информација дека конкурсот е наменет за конкретно лице или ако дознаат дека компанијата не ги исполнува нивните очекувања. Имаше и такви кои биле во ситуации кога им требала работата, знаеле дека истата е слабо платена, а самите сметале дека се преквалификувани за конкретната позиција. Откако ќе се разгледале овие параметри, конечната одлука се сведувала на тоа дека појавувањето на интервјуто би било залудно губење време.
Останатите немаат некоја посебна причини зошто не би се појавиле на интервју, односно дека едноставно не им бил денот (8%). Имаше и такви кои истакнаа дека како можна причина за откажување е присуството на трема.
Иако можеби интервјуата не делуваат како најзабавната работа и често знаат да бидат фрустрирачки, сепак секое стекнато искуство е во ваша полза. Каква и да е причината поради која сте се решиле да го "скокнете" интервјуто, запомнете дека вежбањето води до совршенство. Колку повеќе одите на интервјуа и колку повеќе сте изложени на прашања, толку повеќе ќе бидете подготвени за да се покажете во одлично светло кога ќе дојде правиот момент. На овој начин ќе можете да се истакнете пред вистинската компанија и да ја добиете работата од вашите соништа.
На поралот веќе е достапна новата анкета која опфаќа доста актуелна и интересна тема. Ги очекуваме вашите одговори.
Колку време барате работа?
Погледни ги резултатите