Група јужнокорејски студенти ја тужат владата затоа што нивниот приемен испит завршил 90 секунди порано од предвиденото. Тие бараат отштета по 20 милиони вони (околу 15 илјади евра), трошокот кој ќе треба да го платат за едногодишно студирање. Основата на тужбата е дека грешката влијаела врз резултатот на останатите испити на студентите.
Надлежните ја признале грешката и по паузата им дозволиле на студентите да го искористат времето, но, ниту тие можеле да се концентрираат на останатите тестови, ниту пак потоа добиле официјално извинување, објави корејската новинска агенција Јонхап.
Државниот испит за запишување на факултети во Јужна Кореја се вика Сунеунг и е еден од најтешките приемни испити во светот. Трае точно 9 часа и 5 минути, а меѓу испити по различни предмети има паузи за тоалет и за оброци. Се почнува со испит по националниот јазик, тешкиот корејски јазик кој ја користи азбуката „хангул“ составена од 78 знаци преземени од кинескиот јазик и адаптирани во Кореја.
По кратка пауза следуваат тешки испити по математика и пред паузата за ручек, матурантите во рок од 100 минути треба да решат 30 задачи од сите математички области. Токму на овој тежок дел од испитот им биле скратени 90 секунди на јужнокорејските студенти на една локација за тестирање во главниот град Сеул.
По пауза за ручек, студентите имаат испити по англиски јазик, потоа испит по корејска историја, па следува испит по општествени и приородни науки каде има прашања и од класична филозофија и од хемија и од основи на земјоделско производство, но и од десетици други науки. Последниот испит на корејските студенти е по избор и може да биде втор странски јазик или класичен кинески јазик.
Анализите покажуваат дека корејскиот државен испит не само што е тежок туку предизвикува и големи психички проблеми на кандидатите на кои од (не)успехот на испитот Сунеунг им зависат и животните одлуки.
Годинешната тужба не е прва во Јужна Кореја поднесена од страна на студенти кои полагале државен испит. Во април оваа година, како што објави ББЦ, студенти добија судска отштета од по 7 милиони јужнокорејски вони (околу 4.500 евра). На испит во 2021-ва, ѕвончето за крај на државниот испит по грешка ѕвонело 2 минути порано.