Рибата е здрава и вкусна храна, особено за време на пост, но исто така е и многу чувствителна на микробиолошки зарази и брзо се расипува. Затоа, потрошувачите треба да бидат крајно внимателни при купувањето и чувањето на рибата, а треба да ги следат и советите на ветеринарната инспекција.
Во неформален разговор со вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дознавме дека во овој период на годината активно се спроведуваат вонредни контроли на продажните места на свежа и замрзната риба во сите регистрирани објекти.
Целта е да се проверат потврдите за набавка на рибата, декларациите, начинот на ракување со рибата, како и температурниот режим на складирање. Исто така, се контролира рокот на употреба и се земаат примероци од рибата, а тие примероци се испраќаат на проверка во овластени лаборатории.
Потрошувачите се советуваат посебно да внимаваат на мирисот на рибата, кој не смее да биде непријатен, рибата не смее да има „запалени“ очи и заматена рожница. Шкргите на свежата риба треба да се влажни, со јасни бои и без мирис, а промена на бојата на шкргите, суви шкрги, несвојствениот или интензивен мирис, се почетни знаци на расипување.
Освен тоа, ако рибата не е исчистена, внатрешните органи се препознатлив знак на свежа риба, а секој губиток на црвената боја е причина за тревога.
Ветеринарната инспекција советува да се купува риба во рибарници, односно на места каде што потрошувачите имаат достапен податок за видот и потеклото на рибата, како и за рокот на употреба.
Потрошувачите се советуваат редовно да се интересираат и да се запознаат со сите својства на храната пред одлуката за купување, како и храната којашто е прописно декларирана да ја купуваат на места кои се за тоа регистрирани.
Рибата е богата со протеини, витамини, минерали и омега-3 масни киселини, кои имаат благотворно дејство врз здравјето на срцето, мозокот и кожата.
Според препораките на Светската здравствена организација (СЗО), рибата треба да се јаде најмалку два пати неделно, а постот е добра прилика да се зголеми консумацијата на оваа храна.