Да отидете на интервју и да не ве повикаат повторно е сигурно подобра опција отколку да не се појавите воопшто! Еве зошто:
Ве повикале на разговор за работа, се подготвувате, одите, давате максимум од себе и сигурни сте дека вие сте идеалниот кандидат за таа работа... но и по неколку денови не добивате повик за следно интервју. Не очајувајте, ништо не е изгубено. Секое интервју, па дури и најнеуспешното ви е од голема корист. Направивме листа на бенефити кои ви ги носи секое ново интервју, без разлика на исходот од истото:
Стекнувате искуство кое сигурно многу ќе ви користи
Најчесто регрутерите поставуваат слични или исти прашања на секое интервју. Можеби првиот пат ќе бидете збунети, но секој следен пат ќе знаете што ве очекува и однапред ќе се подготвите за можните прашања кои ќе ви бидат поставени.
Го намалувате стресот и тремата
Нормално е да се чувствувате „како пред испит“ пред секој разговор за работа. Се плашите од прашањата, од луѓето кои ќе седат спроти вас, од исходот... Но, откако ќе го поминете ова неколку пати, многу полесно ќе се справите со стресот и тремата, а така ќе делувате и многу посигурно и посамоуверено.
Го ширите кругот на контакти
Секогаш трудете се да оставите добар впечаток пред регрутерот. Дури и воопшто да не ве побараат, тоа не мора да значи дека не сте се покажале добро. По две-три недели јавете се кај оние со кои сте имале разговор, и заблагодарете се на можноста која сте ја имале да се претставите. Замолете ги да ве имаат во предвид кога ќе се отвори слична позиција во нивната компанија. Така се преставувате како зрела личност која е сеуште заинтересирана да работи во таа фирма и истовремено ја продолжувате комуникацијата со претставникот од компанијата.
Активни сте и запознаени со трендовите на пазарот на трудот
Добро е да бидете во тек со понудата на пазарот на трудот. Со секое ново интервју се запознавате со условите кои ги нудат компаниите, со нивната побарувачка, платите. Така знаете што и колку можете да очекувате во иднина и ќе бидете подготвени аргументирано да преговарате за вашата плата.
Оставате простор да бидете повикани повторно
Да се појавите на интервју и да не ве повикаат повторно е сигурно подобра опција отколку да не се појавите воопшто. Во тој случај засекогаш си ја затворате вратата во таа компанија без оглед на вашите квалификации. Во спротивно, компанијата ве задржува во нивната база на кандидати и можеби кога најмалку ќе очекувате ќе бидете повикани пак, без да аплицирате.