Се ближат празниците, а во моменти на еуфорија луѓето користат и пиротехника. Иако надлежните апелираат да не се користи пиротехниката и укажуваат на штетните ефекти, сепак оваа појава не може целосно да се искорени.
Граѓаните треба да знаат дека пиротехничките средства придонесуваат за поголемо загадување на и онака загадениот воздух, а ризици има по здравјето на луѓето.
„Апелираме до надлежните за поголем надзор претежно врз помладата популација, но и врз останатите граѓани кои понесени од новогодишната еуфорија ќе се стават во ситуација да купат или да употребат пиротехника, а притоа не знаејќи колкава е штетата од нејзе. Задоволство од нејзината употреба скоро и да нема освен тие неколку моменти во кои ќе ги гледаме боите на небото од огнометот или петардите кои освен силниот звук со коj ги вознемируваме и домашните миленици, навистина немаат ништо кое би не импресионирало. Граѓаните треба да знаат дека исклучително штетна е употребата на пиротехника бидејќи во составот содржи метални соли и метали и тоа едни од клучните кои влијаат врз климатските промени. Содржат соли од литиум, калиум, натриум, бакар кои не согоруваат и истите остануваат во воздухот во вид на чад кој содржи и нитроген и јаглерод моноксид кој влијае исклучително лошо врз човековото здравје. Апелираме до граѓаните, средствата да ги искористат за хумани цели или еколошки цели во замена за тоа да купат пиротехника која веќе е забранета во сите земји со висока свест“, велат од Здружението Green Org од Кочани.
Полицијата спроведува кампања со порака дека петардите се опасни, штетни, а мотото е „Петарди НЕ - безбедност пред сè“. Илјадници парчиња петарди неодамна се одземени во Струмица, Прилеп и други места. Полицијата лани има запленето 86.639 парчиња пиротехника, а оваа година заклучно со ноември имало околу 21.000 парчиња, а само во последниве десеттина дека се запленети околу 40.000 најразлични пиротехнички средства и таа бројка уште ќе се зголемува. И оваа зимска сезона, Скопје, но и другите градови се гушат во загаден воздух. Дури македонскиот главен град често е на листата на 10 најзагадени градови во светот.