На Instagram страницата на Geografski kutak беше споделена интересна мапа која покажува кои всушност се најголемите пивопијци во земјите од поранешна Југославија.
Страницата Geografski kutak секојдневно споделува интересни податоци и инфографици поврзани со географски податоци поврзани со земји од светот и регионот. Меѓу последните објави на оваа страница, тие решија на мапа да претстават кои се најголемите пивопијци во регионот.
„Бидејќи најмалку половина од годишниот просек веројатно ќе се пие во наредните денови, вистинското време е за оваа мапа“, навеле во објавата.
На картата е прикажан бројот на испиени литри по глава на жител годишно, а на прво место меѓу земјите од поранешна Југославија е Хрватска, каде годишно се трошат 72,1 литар пиво по жител.
На второ место е Словенија, каде во просек годишно се пијат 69,7 литри по жител. По неа следи Црна Гора со 67,4 литри во просек.
На четврто место е Босна и Херцеговина со 63,7 литри по жител. Србија е претпоследна со 62,2 литра по жител, а убедливо најмалку пиво во регионот пијат Македонците кои просечно пијат само 33,5 литри годишно, барем така тврдат од Geografski kutak, но без да наведат од каде им се податоците.
Треба да се има предвид и дека во земјите кои на годишно ниво имаат многу туристи, како Хрватска благодарение на своето преубаво јадранско крајбрежје, во просекот влегуваат и многуте литри пиво испиени од странските посетители.
Во коментарите, Србите наведуваат дека кај нив национален пијалак е ракијата, па затоа слаби се со пивото.
Во Македонија причината за крајно слабиот просек е веројатно тоа што се пие и многу вино.