Инфлацијата и годинава останува еден од најголемите проблеми на македонската економија. Во текот на ланската година трошоците на живот биле повисоки во однос на 2022 година за цели 9,4 отсто. Податоците на државниот завод за статистика покажуваат дека во истиот период цените на мало биле повисоки за 7 отсто. Владината мерка за гарантирани цени е на сила, а во завршна фаза е новиот Закон за нефер трговски практики. Експертите пак предупредуваат дека треба да се биде претпазлив во носењето на одлуки кои би можеле да влијаат врз инфлаторните движења. Од Народната банка соопштија дека и оваа година ќе водат политики за стабилизирање на трошоците на живот.
Во време кога просечната плата во земјава достигна речиси 39 илјади денари, трошоците на живот се намалуваат, но според граѓаните само во извештаите на Државниот завод за статистика. Гарантираните цени во маркетите се на сила, инспекторите контролираат, а граѓаните по се изгледа дека навикнаа да купуваат по повисоки цени. И натаму месните, млечните и останатите прехранбени производи се далеку од реални во однос на месечните приомања кои ги заработуваат најголемиот дел од македонските работници.
За да не се случат нови ценовни шокови, треба повеќе да бидат вклучени државните институции кои вршат контрола врз трговијата во државата. Ова е ставот на универзитетската професорка Даниела Бојаџиева. Оние актери кои не играат според правилата, мора ригорозно да бидат казнети, во спротивно и натаму целиот товар паѓа на грбот на потрошувачите, односно граѓаните.
„Неоправдано според мене е да се прави мерка на толкав сет на производи, зборувам за мерката гарантирани цени. Се прави на основните производи, а не на толку голем обем на производи. Зошто, затоа што така се креира ефект на „воден душек“. Еве видете во маркетите, на тие производи со гарантирани ги оставаат, но на останатите, цените ако сте приметиле растат. Тоа е тој ефект на „воден душек“. Токму на тоа треба да се внимава. И затоа различно се чувствува ефектот намалувањето на инфлацијата“, вели професорката Даниела Бојаџиева
Од Народната банка пак излегоа со оптимистичко очекување, но и најава дека и во годината што е пред нас ќе се работи на стабилизација на инфлаторните движења. И економијата ќе испорачува раст само во случај кога ќе има намалување на инфлацијата. Информациите од Народната банка се дека во втората половина од ланската година Централната банка паузирала од зголемување на каматите а во следниот периот тоа ќе зависи од неколку фактори. Како ќе се движат каматите ќе зависи токму од движењето на инфлацијата но и од девизните резерви.
„Инфлацијата и натаму ќе забавува, а на среден рок, ако нема нови шокови, ќе се врати на историскиот просек од 2 %. Проекциите за раст на економијата се совпаѓаат со априлските проекции, односно се очекува умерено забавување на економскиот раст во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Се очекува дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 1,9 %, а на среден рок, со подобрувањето на состојбите во надворешното окружување и очекувањата за спроведување на јавните инфраструктурни инвестиции, растот ќе забрза движејќи се во распон од 3 до 4 %. Во однос на надворешната позиција на економијата, значително е подобра од очекуваната во услови на стабилизирање на цените на светските пазари на примарните производи, со позитивен ефект врз девизните резерви, кои и натаму се во сигурната зона, што придонесува за натамошно јакнење на стабилноста на девизниот курс“, велат од Наеродната банка.
Податоците велат дека во декември лани во однос на декември 2022 година трошоците на живот биле зголемени за 3,6 отсто. Во истиот период цените на мало пак се зголемени за 3,7 отсто.