Хаос на небото. Илјадници патници ширум Европа вчера се разбудија на погрешна дестинација, дури и во погрешна земја, откако бурата „Иша“ предизвика хаос во воздушниот сообраќај со десетици откажувања, пренасочувања и одложувања во западна Европа.
Обично тоа е најбрзиот начин да се стигне од точката А до точката Б, но за оние кои патуваа до и помеѓу Ирска и ОК минатата ноќ, летањето стана доста одисеја. Имено, аеродромите во Ирска и Велика Британија биле тешко погодени од невремето, а некаде дувал ветер и до 145 километри на час, пишува CNN.
Многу авиони кон запад се пренасочија кон побезбедни места за слетување во континентална Европа. Ова често се случувало откако веќе летнале до целта, но не успеале да слетаат. Рајанер беше особено погоден бидејќи неговата база е во Даблин, каде во неделата беа откажани дури 166 дојдовни и појдовни летови, пренесува Вечерњи лист.
Забележани 34 повторени слетувања
Аеродромот забележал и 36 пренасочувања на летови и 34 повторени обиди за слетување – моменти кога авионите, наместо да го завршат слетувањето, решиле да ја прекинат процедурата и да „заобиколат“ за да се обидат повторно да слетаат.
Така, летот 8А на Ryanair меѓу Ланзароте на Канарските Острови и Даблин речиси стигна до главниот град на Ирска пред да се сврти и да се пренасочи кон Бордо во Франција без да се обиде да слета. Друг лет на Ryanair, FR555, требаше да направи брза посета од Манчестер до Даблин. Откако кружел во близина, се обидел да слета во Даблин, но го напуштил слетувањето и се пренасочил кон Париз. Она што е обично половина час лет се претвори во два и пол часа.
Уште еден лет од Манчестер до Даблин беше во неволја. Авионот се обидел да слета во Даблин, но не бил безбеден, па истото го пробал и во Белфаст, па во Глазгов и по три часа лет безбедно слетал во Ливерпул, на 50-тина километри од каде што тргнал. Дополнително, летот FR816, кој требаше да оди од Шенон до Единбург, отиде сè до Шкотска, а потоа беше пренасочен кон Келн, Германија. Тој исто така доцнеше доста: требаше да замине од Даблин во 15:35 и пристигна во Келн околу полноќ.