МАКЕДОНСКА ПОШТА ПРЕДУПРЕДУВА
Од Македонска пошта денеска преку соопштение известија дека повторно се злоупотребува нивното име, овој пат, преку Фејсбук. Оттаму велат дека се работи за измамничка кампања која го користи логото на Пошта, а зад тоа стои лажна веб страница која испраќа пораки.
– Сакаме да ги известиме нашите корисници дека Пошта на Северна Македонија не стои зад овие објави во кои се нудат специјални кутии со различни производи за само 123 ден. Ги молиме граѓаните да бидат крајно внимателни каде ги оставаат своите лични податоци, бидејќи АД „Пошта на Северна Македонија“ не испраќа електронски пораки до своите корисници, ниту пак ваква кампања постои на нашата официјална веб страница – велат од Пошта.
Оттаму потсетуваат дека секое неовластено претставување во име на Пошта на Северна Македонија претставува класична злоупотреба и е предмет за кривична и друга законска одговорност.
– Единствено и официјално известување за достава на вашите пратки, понуди или услуги може да го прочитате на официјалната веб страница www.posta.com.mk
– Ви благодариме што го пријавувате секој неовластен обид за злоупотреба на Пошта – потенцираат оттаму.
Доколку зборот пошта се кликне на Фејсбук, се појавува страница Пошта Македонија која е таму од два-три дена и е со Специјална понуда на која се наведува: Купувајте изгубени кутии со различни производи само за 123 македонски денари. Ова е вашата можност да добиете убави награди по пристојна цена.Побрзајте, количината е ограничена! Кликнете на линкот за повеќе информации и за направување на вашата порачка“.
Граѓани масовно посочуваат на оваа измама.
– Масовно пријавување на оваа страна. Луѓе навистина верувате дека овие ликови што зборат македонски од гугл транслејт било што купиле од оваа страна? Дајте бе, не трошете пари. Ништо нема да добиете. Пријавете ја страната за фишинг. Ќе ви ги собере парите од сметките со тоа што ќе оставите ваши податоци за картичките – вели Саша П.