– Почетната цена за квадратен метар на која лицитираа купувачите, изнесуваше 1.450 евра, а просечно постигнатата е 1.672 евра – велат од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на Републиката. За останатите 42 стана, ќе биде распишана нова лицитација. Котата на венецот изнесува 22 метра, а височината на зградата, која е со два влеза, е 25,85 метри. Предвидениот рок за нејзино завршување, согласно со договорот со фирмата изведувач, е три години
Само што почна да се гради, веќе се продадени 70 стана во зградата на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на Републиката, на „Јужен булевар“, во центарот на Скопје.
АДСДП го објави огласот на 2.1.2024 година. Станува збор за продажба на станбен простор со гаражни места.
– На овој оглас беа објавени 70 стана. На усното, позитивно, јавно наддавање, беа продадени сите објавени станбени единици, што е потврда за долгогодишната доверба на клиентите во квалитетот на градба на објектите на АДСДП. Почетната цена за квадратен метар на која лицитираа купувачите, изнесуваше 1.450 евра, а просечно постигнатата е 1.672 евра – велат од Акционерското друштво.
За останатите 42 стана, ќе биде распишана нова лицитација.
Како што информираат од АДСДП, новата зграда, која почна да се гради неколку дена пред Нова година, ќе има 112 стана. Котата на венецот изнесува 22 метра, а височината на објектот е 25,85 метри. Притоа, појаснуваат дека станува збор за еден објект со два влеза.
– Процесот на изградба започна откако на предметната локација беше урнат деловен и магацински простор, со кој во изминатиот период стопанисуваше друштвото – велат од АДСДП.
Изградбата на оваа комерцијална зграда е предвидена во годишната програма на Владата за изградба, продажба и одржување, а предвидениот рок за нејзино завршување, согласно со договорот со фирмата изведувач, е 3 години.