Италијанската народна песна „Bella Ciao“ станала симбол за отпор, храброст и истрајност.
„Bella Ciao“ е песната која сите ја обожуваме и со задоволство секогаш ја пееме, но малкумина знаат што се крие зад тие италијански стихови.
„Збогум убавице“ е песна на италијанските партизани настаната за време на Втората светска војна. Ја пеело левичарското антифашистичко движење на отпор во Италија, а подоцна се проширила и во други делови од светот. Авторот на текстот е непознат.
Во оваа италијанска народна песна партизан се поздравува со својата девојка затоа што дошол окупаторот и тој мора да оди во војна.
Ја моли, кога ќе дојде тој ден, да го погреба така што да се знае дека животот го дал за борбата за слобода.
Настанување на песната „Bella Ciao“
Верзијата на песната каква што ја познаваме денес настанала како песна на антифашистичкото движење во Италија.
Меѓутоа, корените на оваа песна настанале кон крајот на 19 век, а првата верзија била забележана во 1906 година.
Станува збор за песна која ја пееле жените од работничката класа од долината на реката По, познати како Мондини кои протестирале против ужасните работнички услови.
Мондините го поминувале целиот работен ден боси во вода до колена и наведнати, работејќи во полињата за ориз, а доаѓале од најсиромашните општествени слоеви. Таквите работни услови довеле до побуна и протести.
Верзијата настаната кон крајот на Втората светска војна има измени во текстот во однос на првобитната верзија.
Измените биле направени меѓу 1943 и 1945 година и пеат за човек којшто отишол да се бори со германските нацисти и којшто умира во текот на битката.
Тој како партизан бара да биде погребан во планина каде ќе порасне цвет којшто ќе ги потсетува луѓето на партизаните.
Препев на песната на македонски јазик:
„Bella ciao“ - „Збогум убавице“
„Едно утро се разбудив,
О, убавице збогум! Убавице, збогум! Убавице, збогум, збогум, збогум!
Едно утро се разбудив
и непријателот беше тука.
О партизани, водете ме,
О, убавице збогум! Убавице, збогум! Убавице, збогум, збогум, збогум!
О партизани, водете ме,
чувствувам дека ќе умрам
И ако умрам како партизан,
О, убавице збогум! Убавице, збогум! Убавице, збогум, збогум, збогум!
И ако умрам како партизан,
ти мораш да ме закопаш.
Закопај ме горе во планините,
О, убавице збогум! Убавице, збогум! Убавице, збогум, збогум, збогум!
Закопај ме горе во планините,
под сенката на убавиот цвет.
И луѓето кои ќе минуваат
О, убавице збогум! Убавице, збогум! Убавице, збогум, збогум, збогум!
И луѓето кои ќе минуваат
ќе ти речат „Колку убав цвет!“
„И ова е цвет на партизан“
О, убавице збогум! Убавице, збогум! Убавице, збогум, збогум, збогум!
„И ова е цвет на партизан кој умрел за слободата...“.