Прашањата „дали навреме ќе стигнам на работа“, „дали ќе имам доволно пари за достасаните обврски“, „што да правам сега?“, често не обземаат, толку многу што немаме време да размислуваме за себе и за тоа како се чувствуваме. Кога на сето тоа ќе додадеме стрес на работа, го добиваме секојдневието на барем секој втор вработен во Македонија.
За повеќето луѓе работата не е само место каде поминувате осум часа во текот на работниот ден, врз основа на кои заработувате пари, туку многу повеќе. Доста често „се мешаат“ човечките чувства и потреби, па се создаваат пријателства, се наоѓа љубов или некои работи се земаат премногу лично, иако тоа е „само работа“. Сепак, за една тема на големо се зборува во јавноста, но во потесните кругови многумина ја сметаат за несоодветна, особено за работното – менталното здравје.
Зборувајќи за менталното здравје, често може да се заклучи дека чувството на „слабост“ е доста присутно кога споменатата тема е на „маса“, а повеќето одлучуваат да молчат како всушност се чувствуваат, наместо на некои други да го „уништат“ силното мислење за себе.
Новото истражување на повеќе од 2.000 вработени возрасни лица нарачано од Националната алијанса за ментални болести на САД(NAMI) покажа дека речиси три четвртини (74 проценти) од луѓето сметаат дека е соодветно да разговараат за проблемите со менталното здравје на работа, но само 58 проценти од нив рекле дека би им било удобно да го направат тоа. Од испитаниците било побарано да идентификуваат што им било извор на стрес во изминатите шест месеци. Најчестиот одговор бил „состојбата во светот“, потоа „работата“, „финансии“, „личен живот“, „физичко здравје“ и „менталната состојба“..
Повеќе од половина од испитаниците рекле дека биле прегорени во одреден момент во изминатата година поради нивната работа, а повеќе од една третина рекле дека чувствуваат дека нивното ментално здравје било оштетено поради нивната работа.
-Вработените на кои им е помалку удобно да зборуваат за своето ментално здравје на работа имаат поголема веројатност да пријават исцрпеност и неволји поврзани со работата во изминатата година – се наведува во истражувањето на Алијансата.
Од друга страна, консултантската компанија за човечки ресурси Мерсер откри дека две третини (67 проценти) од работодавците рекле дека депресијата и анксиозноста ги сметаат за проблем на работа, а 21 процент рекле дека тоа е сериозна загриженост, во своето најново истражување за здравствени придобивки во организациите со најмалку 500 вработени. Приближно истиот процент (68 проценти) рекле дека стресот поврзан со работата предизвикува загриженост, а 59 проценти рекле дека финансискиот стрес предизвикува загриженост, објави Си-Ен-Ен.