Идните младоженци добија нов удар по џебот откако Управата за водење на матичните книги ги зголеми тарифите за склучување на брак надвор од матичната служба, односно во ресторан или хотел.
Новиот тарифник кој стапи на сила од 1 февруари е донесен поради зголемувањето на просечната плата во земјава, односно е поврзан со нејзиниот раст, а за да дојде матичар и да ги венча младенците во ресторан или на друго место надвор од Управата, сега ќе се наплатува за 40 отсто повеќе.
„Надоместокот се одредува врз основа на просечната годишна бруто плата согласно податоците на Државниот завод за статистика за висината на просечната бруто плата на годишно ниво од претходната година“, стои во одлуката.
Според стариот тарифник склучувањето на брак на терен од понеделник до петок и во работно време чинеше 3736 денари, сега тоа ќе чини 4765 денари.
Во работни денови после работно време, односно по 16.30 часот цената на матичарот е 5242 денари.
За време на викенди и државни празници старата цена беше 7472 денари, а новата цена е за над 3.000 денари повисока и изнесува 10.484 денари.
Овие цени важат ако венчавката е до 10 километри оддалеченост од службените простории на УВМК. Ако венчавката е подалеку од 10 километри надоместокот се зголемува за 100 отсто.
На луѓето кои уплатиле пред донесување на новиот тарифник, им стигнало известување дека мора да доплатат ретроактивно, со цел израмнување на цените со новиот тарифник.
За разлика од помалите градови кои имаат репрезентативни објекти за венчавки какви што им доликува на граѓаните, во главниот град венчавките се одржуваат во стари објекти кои немаат капацитет за повеќе од пет лица, односно младоженците, матичарот и двајцата сведоци.
После пандемијата се укина венчавањето во Порта Македонија и оттогаш младоженците можат да се венчаваат во канцеларија во просториите на Управата за матични книги во поранешната зграда на „Комерцијална банка“.
Венчавки се прават и во Матичното во Ѓорче Петров кое е целосно руинирано, со искршени прозорци и пропаднат покрив. Единствено реновирана е Матичната служба во Маџари.
Инаку, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на склучени бракови во Македонија се намалил во 2023 година и лани имало 12.882 бракови, што е за 3,4 отсто помалку во споредба со 2022 година.
Најмногу бракови, 1.851 се склучени во август, а најмалку во ноември, 761 брак. Најчесто е стапувањето во прв брак и за жените и за мажите. Во втор брак и трет брак почесто стапувале мажите. Најголем број бракови 4.263 кај жените и 4.721 брак кај мажите се случиле во старосната група од 25 до 29 години.
Просечната возраст, пак, при склучување на прв брак е 27,4 години за невестата и 29,9 години за младоженецот.