Работодавачите во Германија ги намалија плановите за вработување и во февруари, а можни се и отпуштања во наредните месеци, покажуваат резултатите од истражувањето на институтот „Ifo“. Индексот на вработеност на Ifo падна во февруари за 0,6 поени во однос на јануари, на 94,9 поени, објави вчера институтот.
„Економијата е толку летаргична што компаниите го одложуваат вработувањето на нови луѓе. Дури ни отпуштањата веќе не можат да се исклучат“, рече шефот на истражувањето на Ifo, Клаус Вохрабе.
Знаците продолжуваат да укажуваат на намалување на работните места во производството, но и во трговијата, според германскиот институт за економски истражувања со седиште во Минхен.
Трговците ги одложуваат планираните вработувања поради послабите потрошувачки трошоци, а градежниот сектор е оптоварен од тешката деловна ситуација.
Вредноста на индексот за услужниот сектор и натаму е благо позитивна, но темпото на вработеност е забележително забавено, наведуваат од Институтот. Светла точка е секторот на ИТ услуги и консултанти, кои продолжуваат да вработуваат со несмалено темпо, додаваат оттаму.