Без разлика дали го славите Меѓународниот ден на жената или не, факт е дека повеќето дами сакаат да добиваат цвеќиња како подароци и не е важно дали тоа е на 8 март или на кој било друг ден.
Сепак, неизбежно е тони цвеќе да завршат во рацете на жените кои ќе им ги подарат нивните најблиски. Во Скопје наголемо се продаваат саксиски цвеќиња, поединчени цветови но и букети и тоа по прилично високи цени. Еден обичен гербер со декорација се продава по цена од 750 денари, а само една роза 150 денари.
Ништо подобро не е ниту кај уличните продавачи кои на овој ден се обидуваат да ги наполнат џебовите. И таму цените се високи.
Понуда на цвеќе има и во маркетите, и од оние што екипата на „Фактор“ ги посети, најниските цени за саксиско цвеќе почнуваат од 250 денари па нагоре. Тука се продаваат и подготвени букети по цена од 500 денари па нагоре, во зависност од тоа колку цвеќиња и какви цвеќиња има.
По цени од 70 денари се продаваат каранфилите, поточно еден каранфил.
За граѓаните ова е во најмала рака грабеж.
- Не знам за кого е нормално да се плаќа повеќе од 200 денари за цвеќе, кое доколку не е саксиско ќе се исуши за неколку дена. Кој може на оваа немаштија да си го дозволи тоа? Разбирам дека ова е прилика да заработат, но што е многу, многу е - вели Славица од Скопје.