Уште од мали нозе слушаме за важноста на спиењето. Ни помага да се чувствуваме подготвени за нов ден, како и да се опоравиме од стресот, и психички и физички.
Од друга страна, недостатокот на сон е поврзан со загрижувачки здравствени проблеми.
Колку сон ни треба?
Здравиот возрасен човек треба да се стреми кон седум до девет часа сон во текот на ноќта. На тинејџерите, децата и бебињата им треба повеќе од тоа додека растат или минуваат низ пубертетот. Новороденчињата можат да спијат до 16 часа на ден.
Според Националната здравствена служба на Велика Британија, постојат шест симптоми кои укажуваат дека можеби имате проблеми со спиењето.
Тоа се проблеми со заспивањето, неколкукратно будење во текот на ноќта, рано будење, лошо расположение, отежнато концентрирање и раздразливост.
Проблеми со спиењето може да бидат предизвикани од користење на телефонот во кревет доцна навечер, консумирање премногу кофеин, апнеја при спиење, несоница, синдром на немирни нозе, чкртање заби, дијабетес, анксиозност и депресија.
Што се случува со телото кога не спиеме доволно?
Лекарите велат дека ефектите од лишувањето од сон можеби на почетокот не се толку очигледни или благи, но сепак не треба да се игнорираат.
„Недостатокот на сон може да влијае на функционирањето на вашиот мозок, вклучувајќи ја и способноста за паметење, регулирање на емоциите и вниманието, брзината на обработка на информациите и увидот. Дури и краткотрајното лишување од сон може да ги наруши овие функции. Особено сонот игра клучна улога во формирањето на меморијата и консолидација“, пишува „Better Health Channel“.
Според некои истражувања, недостатокот на сон значи дека не го исфрлате токсичниот отпад од вашето тело, кој се таложи во вашиот мозок во текот на денот.
Акумулацијата на овие токсични протеини е вмешана во развојот на Алцхајмерова болест. Недостатокот на сон е поврзан со зголемен ризик од когнитивно опаѓање и деменција.
Луѓето кои страдаат од недостаток на сон имаат зголемен ризик од анксиозност и депресија, а други физички ризици вклучуваат хипертензија (висок крвен притисок) и висок холестерол.