Државниот завод за ревизија во извештајот за анализираниот судентски стандард утврдил дека е воспоставен начин на стипендирање за студирање во странство со кој не се обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата.
Утврдиле и дека за студирање на еден од првите 100 Универзитети во светот во 2022 година за 111 студенти, исплатени се средства во износ од 188.361 илјади денари (околу 3 милиони евра) кои имаат учество од 44,4% во вкупните средства за стипендии. Притоа максималниот износ кој МОН го исплаќа за еден студент износува до 40.000 долари и за престој месечно од околу 45 илјади денари за вкупно 10 месеци во текот на годината.
„Голем дел од стипендираните студенти не ги почитуваат договорните услови и не се враќаат во земјата по завршувањето на студиите поради што средствата не се ефикасно искористени“, констатира ДЗР.
За мерките за студентско стипендирање, ревизорите процениле дека се соодветни, но не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми. За дел од студиските програми е предвиден износ на стипендија кој е трипати повисок од редовниот износ утврден во висина од 6.050 денари, за кој постои можност за подобрување преку реструктурирање на останатите расходи од Програмата.
-Со мерките за стипендирање на студенти по конкурсот за 2022/23 година предвидени се 3105 стипендии, од кои се одобрени 2509, а со вклучени стипендии кои се претходно одобрени, бројот на стипендирани студенти изнесува 6179 студенти. По овој основ МОН во текот на 2022 година има исплатен износ во висина од 235.849 илјади денари (околу 3,8 милиони евра), наведува ДЗР.
Ревизорите евидентирале намалување на бројот на одобрени стипендии во периодот 2019-2022 година, но и зголемување на број на апликации како и бројот на одбиени студенти, кој за 2022/23 година достигнал до 2.942 што укажува на голем интерес на студентите но и на слабости во постапката за доделување на стипендиите особено во делот на обезбедување на потребната документација.