Климатските промени, особено зголемувањето на температурите, би можеле да предизвикаат зголемување на цените на храната за 3,2% годишно, според една нова студија.
Новата анализа покажува дека глобалното затоплување може да предизвика зголемување на цените на храната до 3,2 отсто годишно до 2035 година, пренесува Science Alert.
Тој ефект ќе се почувствува насекаде низ светот, и во земјите со високи и со ниски приходи, но никаде повеќе отколку на глобалниот југ. Како и со разни други последици од климатските промени, Африка ќе биде најтешко погодена и покрај тоа што малку ќе придонесе за причините.
Проблемите се видливи и денес
Ефектите од климатските промени, кои предизвикуваат поскапувања, веќе ја отежнуваат набавката на храна. На пример, повисоките температури може да предизвикаат поместување на предвидливите земјоделски сезони и на тој начин да го спречат растителното производство.
Други последици може да вклучуваат појава на штетници и болести кои ги осиромашуваат резервите на добиток и храна, и топлотен стрес на веќе лошите патишта што го отежнуваат пристапот до руралните заедници.
Сите овие фактори ги зголемуваат цените и ја намалуваат куповната моќ на погодените домаќинства.
Лоша храна – поголема подложност на болести
Друг дел од овој проблем е растот на самата инфлација. Зголемувањето на цената од 3% годишно би значело дека домаќинствата се помалку способни да го купат она што им е потребно.
Тие веројатно би морале да направат компромис за квалитетот, што пак ги прави луѓето поподложни на болести.
Научниците зад студијата сугерираат дека намалувањето на емисиите на стакленички гасови може да ги ограничи овие влијанија врз глобалната економија.
Тие, исто така, сметаат дека е неопходна државна интервенција за финансиска заштита и помош во храна за оние кои се ранливи.