Следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата, се вели во најновата временска прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи.
Од денес, па се до крајот на оваа недела во Македонија следува период на стабилно, суво и сончево време, повремено со мала локална облачност. И понатаму ќе го имаме ветерот од јужен и од југозападен правец, и истиот повремено ќе засилува на интензите, пишува во најновата метеоанализа Славчо Попоски.
Во деновите кои што се пред нас, како што и претходно најавивме, територијата на Македонија ќе биде под влијание на значително потопла воздушна маса која од северните предели на Африка ќе продре према нашите краишта. Температурите значително ќе се покачат и во следниот период тие ќе бидат значително над просекот за овој период од годината, односно тие ќе бидат рано-летни.
Насекаде температурите низ Македонија ќе надминуваат 20 степени, понекаде тие ќе се искачат и до околу 25 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели од Македонија температурите ќе се искачат до околу 30 степени.
Во Скопје и околината исто така ќе има многу сонце, но повремено ќе засилува ветерот од јужен и од југоисточен правец. Температурата во следните денови ќе биде рано-летна и ќе се искачува во интервалот помеѓу 23 и 26 степени, пишува Попоски.