Во првото тромесечие од годината цените на становите во Скопје бележат раст за 4,7 отсто на годишнo ниво, според новобјавениот квартален индекс на Народна банка.
Во однос на претходниот квартал - четвртиот од ланската година, тие бележат пад од 0,8 проценти. Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.
За потсетување, во првиот квартал лани цените на становите се зголемија за 18,8 проценти на годишно ниво.
Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Северна Македонија, смета дека цените на становите кои подолг период бележaт постојан раст не се реални, но се очекувани.
- Цените на становите за изминатиот период не се реални, но се очекувани согласно тоа кои се сега во игра како градители на станови. Кога сопствениците на парцели за градба видоа дека градителите ги покачија цените на становите и тие ги зголемија нивните услови. Ако порано за заедничка градба се бараше 20, 25, 27, максимум 30 проценти од земјиштето, сега стасува и до 40 проценти од земјиштето, изјави Велковски.
Поголемиот проблем, дополнува, е што сега трговците инвеститори со станови немаат свои локации и се обраќаат кај сопствениците на земјиште на кое е предвидено да се гради, кои пак ги покачија условите и цената.