Во Германија дополнително се зголеми потребата за квалификувани работници во областа на природно-техничките науки, а недостигот од работна сила во овие области достигна нов рекорд, објави Институтот за германска економија на Келн.
„На германските компании во октомври им недостигаат 337.900 работници во областа на математиката, информатиката, природните науки и техниката, што претставува рекордна вредност и пораст од шест проценти во споредба со истиот месец минатата година“, произлегува од студијата.
Експертите се согласни дека драстичниот недостиг нема да може да се покрие исклучиво со увоз на работна сила, туку се неопходни измени во образовните програми.
„Шансите што ги дава дигитализацијата можеме да ги искористиме само ако со нашиот образовен систем ги подготвуваме младите за потребите на пазарот на трудот“, се вели во соопштението на Сојузот на германските работодавци во првата реакција по најновата студија.