Продолжува периодот на сончево и топло време со појава на повремена умерена облачност. Во недела на повеќе места ќе дува умерен до засилен северен ветер. Промена на времето со локални врнежи од дожд се очекува кон средината на следната седмица, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Синоптичката состојба на прогностичките карти сигнализира доаѓање на антициклон од африканската област, со што температурите во нашиот регион повторно одат „до небо“ и достигнуваат неверојатни вредности за овој период од годината.
Метеоролозите предупредуваат на „температура бомба“ која во понеделник и вторник во ќе ја подигне температурата на воздухот на над 30 степени, како што предвидуваат некои прогностички модели.
„Африканскиот антициклон“ ќе ја подигне живата во термометарот во поголем дел од Европа, а екстремни отстапувања на температурата на воздухот од повеќегодишниот просек ќе ги зафатат и Франција, Германија, балтичките земји…
Но, за вакви високи температури сред пролет и месец април сепак е рано.
Од 10 април слабее влијанието на африканскиот и азорскиот антициклон на чија периферија ќе се движат бранови посвеж атлански воздух што ќе донесе пад на температурата и дожд.