Законот подолг период го изготвуваа здруженија за заштита на животни во соработка со пратеници, а истиот има за цел да се стави под контрола прекубројноста на бездомните кучиња и мачки, но и неодговорното сопствеништво - причината поради која низ речиси сите градови можат да се видат стотици напуштени миленици
Сопствениците на кучиња и мачки ќе бидат должни да ги стерилизираат своите миленици, освен во случај ако се регистрирани како одгледувачи или одгледувачници. Регистрираните одгледувачи и одгледувачници ќе бидат должни да го пријават потомството од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта најдоцна 30 дена по раѓањето и да ги регистрираат животните според Законот за идентификација и регистрација на животните. Забрането ќе биде да се подарува или да се продава нерегистриран миленик.
Ова се само дел од одредбите на предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, кој е предложен да се носи по скратена постапка, а денеска е ставен на прво читање во Собранието.
Законот подолг период го изготвуваа здруженија за заштита на животни во соработка со пратеници, а истиот има за цел да се стави под контрола прекубројноста на бездомните кучиња и мачки, но и неодговорното сопствеништво – причината поради која низ речиси сите градови можат да се видат стотици напуштени миленици.
Со овој предлог закон, за првпат би се вовеле и гробишта за миленици.
Со предложените законски одредби, ќе биде забрането чување на домашен миленик постојано врзано на ланец или во затворен дел од ограден простор, без да се овозможи слободно движење надвор од тој простор.
Забрането би било и напуштање на домашно животно, домашно милениче или припитомени диви животни и други животни кој човекот ги имал под контрола и надзор. Забрана би имало и за присуство на домашен миленик на јавен простор без присуство на сопственикот. Секој кој ќе повреди или ќе го доведе животно во неволја, според новиот предлог закон, ќе биде должен да му пружи потребна помош сам, а доколку тоа не може да го стори сам, ќе треба да обезбеди помош од стручно лице.
За секое непочитување на законот, предвидени се парични казни, односно глоби, во зависност од тоа дали станува збор за физичко или за правно лице.
Целиот текст прочитајте го на: meta.mk