Првиот билет за посета на Венеција на туристите им беше наплатен минатиот четврток. Според податоците на градските власти, влез плаќале 15.700 туристи.
По првиот ден, градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, воведувањето данок го оцени како успешно.
Тој вети дека ќе спроведе „мека контрола“ која ќе биде случајна и нема да создава редици.
Билетот чини 5 евра.
Кој има слободен влез
Жителите на Венеција, вработените, студентите, децата до 14 години, инвалидите и посетителите на спортските настани се ослободени од купување билет, како и оние кои преноќуваат во градот бидејќи веќе плаќаат дозвола за престој.
Билетот за еднодневна посета на Венеција се плаќа преку порталот на градската општина, а посетителите добиваат QR код кој ќе го проверуваат инспекторите на најважните точки во градот. Поставени се контролни пунктови на Пјацале Рома во близина на железничката станица и во фериботското пристаниште Пунта Сабиони, јавува австриската новинска агенција АПА.
Минатиот четврток граѓаните на Венеција протестираа против одлуката на градоначалникот Луиџи Бруњаро да воведе влезна такса за туристите.
Туристите кои ќе бидат фатени без билет се соочуваат со казна од 50 до 300 евра.