Дваесет и деветмина пратеници од претходниот состав на Парламентот што веќе нема да бидат пратеници во новиот собраниски состав, наскоро ќе почнат да добиваат од државата месечен надоместок од една пратеничка плата, односно по околу илјада евра.
Најголемиот дел од апанажите се во траење од една година, односно од 28 мај 2024 до 27 мај 2025 година, како период во кој пратениците, според ова законско право, ќе треба да се снајдат и да си најдат работа, а има и поранешни пратеници што ќе ја земаат апанажата пократко, односно до своето пензионирање.
Според информациите од Собранието, 57-мина пратеници од минатиот состав имаат право на апанажа, бидејќи не се дел од новиот состав.
Според законските одредби, апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието, односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата.
Инаку, најниската плата на пратеник во македонското Собрание изнесува 74 илјади денари, додека највисоката е за координаторите на пратеничките групи и за претседателите на работните собраниски тела и комисии, која достигнува и над 140 илјади денари.
Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидува пратеник да може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа: три месеци ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот на пратеникот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци ако мандатот на пратеникот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и 12 месеци ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе.
Исто така, со законот се предвидува пратеник да може да остварува плата подолго и од една година, а најмногу уште шест месеци, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија.
За време на остварувањето на ова право, пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци.
Рокот за поднесување барања на апанажа започна на денот на верификација на мандатите на членовите на новиот парламентарен состав 2024-2028, а завршува на 28 јуни.
Поранешните пратеници треба да поднесат лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата. Надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото и неговото престанување согласно со одредбите на овој закон.
Правото на апанажа може да престане доколку поранешниот пратеник стекне право на пензија, кога ќе побара тој, кога ќе се вработи и ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата. Ова право може да престане доколку лицата се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие.
Инаку, на дневен ред на првата седница на оваа Комисија беше и разгледување на барањето од поранешниот претседател, Стево Пендаровски, за мирување на правото на пензија по престанување на функцијата, барање што е прифатено.
Поранешниот претседател, Стево Пендаровски, се откажа од правото на користење државна пензија, како што вети уште пред пет години, кога беше избран за шеф на државата, и одлучи да ѝ се врати на академската кариера, како професор на универзитет.
Уставниот суд реши укинувањето на апанажата да важи само за разрешените и за сменетите функционери и раководители.