Земјоделците мака мачат да најдат берачи. Велат дека, и покрај тоа што се зголемуваат дневниците секоја година, работна рака нема. Годинава, дневниците се зголемени за 20 до 30 отсто и се движат од 1.600 денари, па нагоре, во зависност од земјоделската култура.
Кај нас, претежно се одгледуваат трудоинтензивни култури во кои работната рака тешко може да се замени со механизација и да се намалат трошоците. Друг проблем е што механизацијата е многу скапа и за земјоделците е поевтино да ангажираат работна рака отколку да купат комбајн, кој чини 100 илјади евра.
– Дневниците во земјоделството се зголемуваат секоја година. Моментално се движат околу 200 денари за час, во зависност од културата што се бере и од физичката сила, односно колку може да набере работникот. И покрај тоа што веќе нема дневница во земјоделството под 1.600 денари, берачи нема. Миграцијата си го направи своето. Поради тоа, сите гледаат да произведат нешто за што се потребни помали трошоци и помало ангажирање работна рака – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Вангелов, член на Управниот одбор во Националната федерација на фармери.
Но, освен за работна рака, сè поголеми се и трошоците за механизација. Освен што има култури што не може да се берат со машини, сè поголем дел од земјоделците не може да си дозволат да ангажираат машини за берење или комбајни.
Проблем со недостиг на работна сила во земјоделството имаат и соседните земји. Во Србија, мака мачат да најдат берачи на малини. Огласите за берачи ги преплавија социјалните мрежи и локалните портали во Србија. Наоѓањето работна сила не е лесно со години, иако тие може да заработат добри пари за помалку од еден месец работа, бидејќи дневниците се движат од 4.000 динари, па нагоре, со платени сместување и храна.
Целиот текст прочитајте го на: vecer.press