Додека голем број земји во Европа и во светот почнаа со тестирање на скратена работна недела, се поставува прашањето може ли во Македонија да се скрати работната недела, а платите да останат исти? Работодавачите сметаат дека идејата е добра, но е полесно изводлива во државната администрација за разлика од приватниот сектор каде што приходите на компаниите директно зависат од оствареното производствово, а тоа пак од работните часови. Кај нас сè уште не постои свест за некои форми на работа кои веќе одамна постојат и се применуваат во повеќе европски земји
Голем број земји во Европа и светот почнаа со тестирање на скратена работна недела. Велика Британија спроведе тестирањето на четиридневната работна недела, кое покажа дека со пократката работна недела вработените се помалку под стрес и се чувствуваат подобро, а работата и животот им се побалансирани. Исланд веќе тестираше колку е ефикасна скратената работна недела без намалување на платите на работниците. Шпанија неодамна воведе „пробна фаза“ во малите и средни претпријатија. Триесет проценти од вработените во тие фирми треба да работат најмалку десет проценти помалку работни часови – со иста плата како досега. Франција планира да воведе скратена работна недела од 35 часа, распоредена на четири дена во државната администрација. Таквите модели се тестираат и во Нов Зеланд, Јапонија, САД….
Додека Западот знае дека одговорот лежи во задоволниот работник, добар дел од домашната економија смислува како да ги мотивира работниците да бидат попродуктивни. За таков работник исклучително важен е балансот помеѓу приватниот и деловниот живот, а најефективно се воспоставува со пократка работна недела. Долгорочната европска статистика покажува дека тоа е неизбежен тренд, бидејќи бројот на просечни неделни работни часови континуирано опаѓа во последните 10 години – од 37 на 36,1 часа.
Се поставува прашањето може ли во Македонија да се скрати работната недела, а платите да останат исти? Работодавачите сметаат дека идејата е добра, но е полесно изводлива во државната администрација за разлика од приватниот сектор каде што приходите на компаниите директно зависат од оствареното производствово, а тоа пак од работните часови. Кај нас сè уште не постои свест за некои форми на работа кои веќе одамна постојат и се применуваат во повеќе европски земји.
Идејата работната недела да има 32 наместо 40 работни часа не е нова и во последно време сè поизвесно е дека самата работна недела ќе биде пократка во однос на денови или часови.
– Четиридневната работна недела кај нас може да се примени во државната администрација, но не и во приватниот сектор. Приходите на компаниите директно зависат од оствареното производство, а тоа пак од работните часови. Што значи ако се работи помалку ќе се земе и помала плата, но тоа не е во интерес на работниците. Во многу дејности работниците за да заработат повеќе бараат прекувремена работа. Ние не можеме да се рамниме со европските држави, кои најголем дел од приходите ги остваруваат од услуги. Во држави како нашата, каде што доминира преработувачка индустрија со високо учество на работна сила, ова е невозможно, вели за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организација на работодавачи на Македонија.
Тој смета дека оваа идеја може да се реализира во услужните дејности, бидејќи како што вели приходите од камати на банката нема да се намалат ако банката работи четири дена, но во производство тоа не е така.
Според претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија, Миле Бошков, четиридневна работна недела може делумно да се реализира. Во пакетот на работни односи има и нестандардни форми на вработување, пред сè, во финансискиот сектор, во електронската трговија, транспорт, логистика, образование…
-Постојат и нестандардни форми на вработување, односно се склучуваат договори за работа според потребите и на индустријата и на работниците. Ние во македонската трудова легислатива никако да сфатиме дека тоа се договара и во колективните договори кој кај нас ги регулира Синдикатот. Кај нас сè уште не постои свест за препознавање на овие форми на работа кој веќе постојат и се применуваат во повеќе европски земји, вели за весникот ВЕЧЕР, Бошков.
Пократка работна недела вклучува флексибилност во работата, вистинска рамнотежа помеѓу работата и животот и што е можно повеќе слободно време. Исто така, може да ја зголеми продуктивноста бидејќи поодморените работници можат да работат поефикасно и покреативно. Дополнително, помалиот број на работни часови може да го намали стресот и да го подобри менталното здравје на работниците, што пак позитивно се одразува на продуктивноста, прометот…
Процесот на скратување на работната недела веројатно ќе се забрза, особено под влијание на технологијата за вештачка интелигенција. Податоците од Светскиот монетарен фонд велат дека за релативно краток временски период 30 до 70 отсто од работните задачи ќе исчезнат или значително ќе се променат, што секако ќе ја зголеми продуктивноста.
Во иднина се очекуваат големи промени на пазарот на трудот, кои овој пат ќе бидат многу побрзи отколку во претходните индустриски револуции. Ако сакаме да ги задржиме малкуте луѓе што останаа во државата, треба да почнеме да се приспособуваме на овие промени. Наскоро, всушност, речиси никој нема да сака да работи долги часови, особено не за ниска плата.