Во Скопје интензивно се поставуваат камери на најфреквентните крстосници, улици и булевари со кои МВР ќе лови сообраќајни прекршоци.
Вчера доцна попладне такви камери се поставуваа на улицата Васил Чакаларов, која ја поврзува населбата Тафталиџе со населбите Влае и Ѓорче Петров.
Станува збор за надградување на проектот „Безбеден град“, кој има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот.
За ова да профункционира потребни ќе бидат законски измени, но она што досега е познато е дека во иднина со овие камери ќе се казнува за брзо возење и поминување на црвено, а се прават напори и да се казнува и за не носење на појаси, лошо и опасно престројување и непрописно паркирање на коловозните ленти.
Покрај Скопје, ваков модел треба да се инсталира и во Тетово и Куманово, но и на одредени делници од автопатот Скопје – Гевгелија.
Инаку, овој проект имаше своја проба пред неколку денови кога за само два часа тестирање на системот биле забележани околу 5.000 сообраќајни прекршоци.