Македонија се наоѓа на високото петто место од 41 европска земја на Индексот на одлив на мозоци на „Global Economy“, што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти. Во меѓувреме, според проценките на Светската банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, додека според извештајот на ИОМ за 2020 година, Македонија се наоѓа во топ 50 земји во светот со најголема емиграција во странство.
Ова се дел од наводите во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) насловен Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри.
Активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата, велат од ДЗР по спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази.
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице. Податоците на ДЗС за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица.
„Во последните неколку децении меѓународните миграции во светски рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од било кога. Тенденцијата кон пораст на емиграцијата на високостручни кадри, како и научен подмладок од одделни факултети, имплицира промени во квалитетот на работната сила и намалување на нивото на човечкиот капитал, а со тоа и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност“, додаваат од ДЗР.
Според добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани кои престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка, велат од ДЗР и додаваат дека оваа тенденција искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и општеството во целост.
Државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри
Недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста, посочуваат од ДЗР.
По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата, како што истакнуваат од ДЗР, нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри.
Целиот текст прочитајте го на: radiomof.mk