Грција воведе доброволна шестдневна работна недела во одредени индустрии за да го поттикне економскиот раст и да ја зголеми продуктивноста, и покрај противењето на синдикатите кои велат дека овој потег нема да го реши недостигот на работна сила во земјата.
Според грчките власти, шестдневната работна недела важи само за приватни компании во Грција, кои обезбедуваат услуги 24 часа на ден, пренесува The Guardian.
Како дел од продолжената работна недела, персоналот во избраните индустрии и производствени погони има можност да работи дополнителни два часа дневно или дополнителни осумчасовни смени, со надоместок од 40 отсто од редовната дневна плата.
Грчката влада смета дека ваквата мерка е неопходна поради намалувањето на бројот на жители и недостигот од квалификувани работници.
Загрижувачки демографски податоци
Се проценува дека најмалку 500.000 млади, образовани Грци ја напуштиле земјата од почетокот на должничката криза што избувна кон крајот на 2009 година, а властите таквите демографски податоци ги оценија како „темпирана бомба“.
Синдикатите жестоко се спротивставија на таа мерка, која ја означија како „варварска“ во време кога некои европски земји размислуваат во спротивна насока и експериментираат со четиридневна работна недела.
„Мерките беа усвоени од влада која идеолошки е посветена на создавање сè поголем профит за капиталот. Подобрата продуктивност доаѓа со подобри услови за работа, подобар квалитет на живот за вработените, а тоа, сега знаеме, се помалку работни часови, а не повеќе“, рече Акис Сотиропулос од Синдикатот на државните службеници Адеди.