Граѓаните велат дека зависно од можностите одвојуваат одредена сума на пари од својот домашен буџет за да се спремат за на одмор. Дамите објаснуваат дека трошат по неколку илјади денари за купување на костими за капење, шешири, торби за на плажа, крпи, креми за сончање и други ситници кои се неопходни.
Секој троши според можностите. Некои велат дека истите костими за капење ги користат повеќе години, затоа што сакаат да заштедат, а други секоја година купуваат нови работи за на плажа.
„Мислам дека 200 евра се потребни за едно семејство. За мене се доволни 100 евра, за креми за сончање, за бикини, за некоја гума за на плажа. Јас не купувам скапи работи, не претерувам со цени, но гледам секоја година да носам различни костими за капење. Секое лето си купувам нови“, вели младата Анастасија Р.
Но, има и такви кои сакаат да заштедат.
„Кога купувам костим за капење, гледам да го користам барем две – три години, ако ми одговара, зошто да не? Секој според џебот си планира. И јас би потрошила и 1.000 евра, ама ако имам. Инаку, има и луѓе што земаат кредит за да одат на одмор, па потоа отплаќаат“, рече Јагода П, повозрасна жена.
Жените купуваат наметки, фустани за на плажа за што во денешно време има и голем избор.
„Јас не обрнувам многу внимание. Еден костим за капење го користам повеќе години“, додава Ивана П.
Од бутиците за долна облека велат дека веќе имаат полни раце работа, односно има побарувачка на сè што е потребно за на плажа.
Би можело да ве интересира: Едно гиро, а три цени: Омиленото летувалиште на македонските туристи, сериозна закана за џебот!
„Пикот е кога ќе дојдат странците. Тие доаѓаат по 1 или 5 јули, тие купуваат и по 4-5 пара костими за капење. Комплет цело семејство се опремуваат. Оние кои се овде купуваат еден пар или чекаат попуст на есен. За 50 евра ќе се опреми едно женско лице, односно ќе купи костим за капење, торба и наметка. Во септември е друга клиентела, постари луѓе. Тогаш има попуст на модели кои се останати по еден или два пара, последни“, велат од дуќан за долна облека во Кичево.
Има муштерии кои гледаат да го купат најевтиното, но има и луѓе кои не жалат пари и трошат високи суми за да се спремат за на плажа.
„Костим за капење кај мене под 2.000 денари нема, наметка е 1.000 денари, најевтина, сосе крпа да заокружиме на 4.000 денари. Некои луѓе гледаат поевтино да поминат, а некои купуваат што сакаат. Секогаш било и ќе си биде така“, додаваат од бутик за долна облека во Битола.
Но, за многу македонски граѓани одењето на одмор е луксуз и не можат да си го дозволат. Повеќе од половина македонски граѓани не можат да си овозможат годишен одмор, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, заснована на податоци на Евростат. Според ова истражување, еднонеделен годишен одмор надвор од местото на живеење не можат да си дозволат 55 проценти од жителите на Македонија.