Со сирење, со месо или пица, бурекот, како традиционален појадок за многумина е се поблиску до цена на границата од 100 денари, секако, во зависност од содржината.
Со чашка јогуртче оди и во 115 денари, со шишенце јогурт, пак, во некои бурекџилници чини и 120 денари, пренесуваат од ТВ Телма.
Од утрово, во повеќе бурекџилници во главниот град, бурекот се продава за повисока цена за 10 денари по четврт или 40 денари повеќе за пита. Во голем пекарски синџир, бурекот кој до вчера се продаваше за 80 денари сега е 90, додека „верзиите“ од 90 денари се израмнија на стотка.
Малите чашки јогурт во пекари и бурекџилниците чинат по 25 денари, што значи дека комплетен појадок со омиленото тесто беќе е на цена од 115 или 125 денари.
Пекарите минатиот месец упатија предупредување до надлежните дека берзанската цена на житото е висока, а дополнително учеството во цената се зголемува и со раст на потрошувачката на енергија во жешкото лето, како и поради покачените плати на вработените пекари и помошни работници. Се бараше помош од државата пред се во финансии и во ограничување на цените на суровините и останатиот инпут во пекарската индустрија.
Од друга страна, цената на житото кое се откупува од македонските земјоделци е ниска и минимална поради што тие бараа поголема откупна цена и субвенции од државата за да стигнат до ниво на исплатливост и покривање на трошоците.
Според Државниот завод за статистика, за една година од јуни лани до јуни 2024-та, цените во категоријата „леб и жито“ се зголемиле за 4,9%. На месечно ниво во истата категорија, цените се зголемени за 0,6%. Годишната инфлација на крајот на јуни е 3,2%.