Расте бројот на бесправно изградени објекти во Македонија. Ова го констатира најновиот извештај на Државниот завод за статистика кој покажува дека лани се изградени 780 дивоградби, а во текот на 2022 година без соодветна докумантација биле изградени 662 објекти на цела територија на државата.
Најголемиот дел од дивоградбите се објекти за домување. А останатите се тераси, гаражи, огради, натсрешници и слично. Македонија е меѓу ретките земји кои дозволува легализација на бесправно изградени објекти, а тоа во земјава се овозможува со законско решение на кое неколку пати е пролонгиран рокот се со цел што повеќе дивоградби да добијат соодветна документација.
Ништо во земјава не ја зголемува свеста кај одредени граѓани кои и натаму не почитуваат закони и правила и решаваат на своја рака да изградат објект без потребната документација.
Градежните испектори лани на терен затекнале 780 бресправно изградени објекти на територија на цела Македонија. Тоа е за 118 објекти повеќе во однос на 2022 година. Интересен е податокот кој вели дека дел од дивоградбите, односно 46 од нив биле во државна сопственост.
„Според видот на објектот, бесправно се изградени 172 објекти за домување1) (22.1 %), 134 доградби, надградби и адаптации (17.2 %), 62 деловни објекти (7.9 %), 33 гаражи (4.2 %), 160 огради (20.5 %), 3 скалила (0.4 %), 12 тераси (1.5 %), 9 летни тераси (1.2 %), 63 натстрешници (8.1 %), 54 времени објекти (6.9 %) и 78 помошни објекти (10.0 %). Најголем број бесправно изградени објекти (93.1 %) се во приватна сопственост“, стои во извештајот на ДЗС.
Инспекторите откриле во Скопје најмногу дивоградби, и тоа 112. По општини на врвот во главниот град по изгрдбата на дивоградби е Општина Карпош со 34, а две помалку има во Општина Центар. Во Кисела Вода има 24 дивоградби. Потоа во Битола се откриени 23 дивоградби, во Велес 49, Крива Паланка 45, Струга 49, Тетово 46, а на врвот е Куманово со 133 дивоградби во текот на 2023 година.
Актуелното законско решение вели дека може да се легализираат дивоградби изградени заклучно први мај 2011 година. Но, до 2025 година добија шанса да се легализираат сите предмети кои до 2021 година беа во процедура и за нив не беше довршена постапката. Ова нема да важи за бесправно изградените објекти во заштитените подрачја како долж охридскиот брег. Но ќе важи за дивоградбите на Попова Шапка. Досега се легализирани околу 300 илјади дивоградби.