Од денеска до средината на следната недела Македонија е во портокалова фаза од опасност од високи температури.
Владата вчера на седница усвои нови мерки, односно од работа треба да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 години.
На работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот, а на детските градинки да не организираат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Владата им препорачува на единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, информираа вчера од Владата.
Од Институтот за јавно здравје пак со апел до граѓаните да носат вода со себе, шешир или чадор за заштита, лесна, светла и комотна облека, да се разладуваат со вентилатори или клима уреди и да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло.
Препорака е да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.