Иако често ние Македонците знаеме да се жалиме или смееме за туризмот во Охрид, се чини дека „забегани„ изнајмувачи на соби ги има насекаде. Овој пример е од Хрватска од островот Паг.На социјалните мрежи е објавен „ценовник за уништени работи“ од апартманите на изнајмувачите од островот Паг, што предизвика бурни реакции од јавноста.
Ценовникот, кој го објави таткото на еден од гостите на социјалната мрежа X, вклучува цени за разни оштетени предмети. За уништени садови потребно е да се плати пет евра, метли, лопатки и прибор за јадење по парче 10 евра, пешкир и пластична столица 15 евра, додека оштетување на фрижидер, телевизор, тоалетна школка или тента чини 300 евра. Оштетување на врат чини 500 евра, а вклучување на климата без знаење на сопственикот 150 евра. Уринирање и шетање без облека по дворот чини 100 евра, фрлање на пикавци 50 евра, додека уништување на останатиот инвентар што не е наведен во ценовникот се плаќа според проценката на полицијата.
Таткото на еден од гостите напиша на X дека неговиот син со девојката заминал на одмор во апартман на Паг, каде на влезот ги дочекал споменатиот ценовник. Исто така, коментираше дека мебелот бил од времето на поранешна Југославија, апартманот валкан, а домаќините нелубезни. Поради тоа дале оценка два, иако рекле дека всушност заслужува единица, по што се упатиле кон Сплит.
Сопственикот на апартманот ги навредил по телефон поради ниската оценка, што дополнително ја влошило ситуацијата. Во рецензијата сега има оценка еден со напомена дека сопственикот им се заканува на гостите ако му дадат ниска оценка.
Иако многумина коментираат зошто би летувале во таков апартман, одговорот бил дека гостите одлучиле да го продолжат престојот на островот, но морале да го земат тоа што било слободно, и сега знаат зошто било слободно.