Србија очекува Македонија да го испочитува договорот за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје. Ова го најави српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ, кој наскоро очекува средба со неговиот македонски колега Александар Николоски.
Весиќ истакна дека од српска страна веќе се работи на делницата од Ниш до македонската граница, за што Белград ќе аплицира за добивање средства од ЕУ.
– До крајот на годината го завршуваме проектот, кој е финансиран од ЕУ за делот од нашата пруга од Брестовац до Прешево. Согласно договорот што го потпишавме со Владата на Македонија, го очекуваме тоа што го предложи, да го проектира и својот дел од Прешево до Скопје. Тоа е една од двете делници на кои Србија сака да работи и кои ги номинира од овој нов План за раст на Западен Балкан. Го чекам вашиот нов министер, Николовски да се сретне со мене, можеби во Скопје, можеби во Белград, за да продолжиме со нашата заедничка работа на таа пруга, и за да продолжи да работи комисијата што почна со работа. Сакаме во од да ги средуваме деталите, како таа пруга навистина би била завршена до Скопје, затоа што имаме желба да ги поврземе Белград, Ниш со Скопје. А бидејќи пругата до Будимпешта ќе ја завршиме во 2026 година, тоа значи и врска од Скопје до Белград и до Будимпешта, и во иднина до Солун и Атина – изјави Весиќ.
Пругата би имала просечна брзина до 200 километри на час, а како што истакна Весиќ, годинава желба за поврзување на Белград и Скопје со Солун и Атина изразил и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
– Кога премиерот Мицотакис беше во Белград, имавме средба, а потоа нè известија дека ја реконструираат пругата меѓу Солун и Атина и рекоа дека ќе проектираат, веројатно со средства од ЕУ, 75 километри од пругата од Солун до границата со Македонија. Тоа значи дека ќе почнат со работа, и после тоа треба да се поврзе пругата од Скопје со пругата во Грција – кажа Весиќ.
Според Транспортната заедница, пругата Ниш-Скопје е најкратка врска меѓу Азија, Блискиот Исток и остатокот од Централна и другите делови на Европа.
– Ова е еден од проектите кој е приоритетен проект и за Македонија, и за Западен Балкан, и за Европската Унија. Но, она што е клучно е реформите и проектите да се случуваат паралелно. Тие се две страни на иста паричка. Проектите без реформи се бескорисни, не се одржливи. Реформите без проекти не даваат резултати. И затоа инвестициите во проекти, инвестициите во реформите се единствениот пат – порача Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница во Белград.
За министерот Николоски најкористен проект за Македонија е изградба на брза пруга од Скопје до Солун која треба да оперира со 200 километри на час за патници и до 160 километри на час за карго превоз.
– Тоа значи дека низ Македонија да оди целиот товар, кој би се превезувал до Централна Европа, а патувањето од Скопје до Солун да биде до 1 час и 15 минути. Но таа пруга продолжува на север кон Ниш, Белград, Нови Сад, Суботица и Будимпешта и треба да биде главниот крвоток на Централна Европа. Со тоа Македонија би ја вратила својата клучна позиција на Балканот – истакна Николоски.
Инаку, веќе неколку години не сообраќа ниту еден воз, ниту има воспоставено железничка врска со Србија и Грција, а со тоа и со Централна и Источна Европа.