Многумина кои отишле на печалба во Хрватска велат дека се вратиле, зашто кога пресметале колку ќе им легне на сметка, а колку ќе платат за стан и храна, сфатиле дека подобро им е да си најдат работа дома.
Хрватска веќе не е ветена земја за странците кои сакаат да заработат повеќе отколку дома. Многумина кои отишле таму на печалба велат дека се вратиле, зашто кога пресметале колку ќе им легне на сметка, а колку ќе платат за стан и храна, сфатиле дека подобро им е да си најдат работа дома.
Хрватскиот завод за статистика деновиве објави дека мајската просечна нето плата на ниво на држава изнесувала 1.324 евра, додека пак медијалната, односно средна плата, која се смета за порелевантен податок била 1.122 евра.
Но, платформата за огласување работни места „Адорио“ ги објави и просечните плати во сите дејности, аналитички обработувајќи ги и податоците за одредени занимања. Па, еве колку може да се заработи во Хрватска на работните места кои често ги покриваат странци, вклучувајќи и македонски граѓани, имајќи на ум дека се работи за просек, што значи поединечната заработка може да биде и многу пониска.
Во градежништвото, според пресметките на „Адорио“ просечната плата на ѕидар е 1.094 евра. Молерите во просек заработуваат 1.143 евра, а кровопокривачите 1.243 евра. Просечната заработка на архитект е 1.262 евра, а на градежен инженер 1.401 евро. Во градежништвото најдобро се платени раководителите на градилиште кои во просек земаат 1.601 евро. Во дејноста електротехника и машинство автомеханичарите се платени со 1.064 евра, а електричарите со 1.102 евра во просек. На машинските инженери им следуваат просечни 1.530 евра.
На нешто подобра заработка од дома може да се надеваат оние кои во Хрватска ќе најдат работа во секторот здравство и фармација. Таму најдобро се платени докторите кои земаат 1.952 евра, потоа доаѓаат фармацевтите со 1.719 евра, па стоматолозите со 1.525 евра, радиолозите со 1.406 евра и ветеринарите со 1.264 евра во просек. Платата на негувателите, пак не е примамлива и изнесува просечни 842 евра, а додека медицинските сестри во Хрватска ја земаат македонската докторска плата – 1.166 евра.
Во агрономијата земјоделецот е платен со 856 евра, а сточарот со 984 евра. Над 1.000 евра земаат агроинженерите. Оние, пак, кои ќе најдат работа во производството не можат да се надеваат на над 1.013 евра, колку што е највисоката просечна плата, што ја земаат столарите. Кројачите ги плаќаат со 728, шивачите со 760, а чевларите со 825 евра.
Најголем број македонски граѓани, особено во летниот период одат да работат во угостителството во Хрватска. Таму келнерите во просек заработуваат 934 евра, готвачите 1.128 евра, шанкерите 1.207 евра, баристите 1.319 евра, а пица мајсторите 1.170 евра. Кога станува збор за занаетчиските и помошните дејности, платите на чистачките се 749 евра, на фризерите 782 евра, на месарите 1.103 евра. Во информатичкиот сектор, пак, платите на вработените во просек се движат од 1.173 до 1.709 евра.
Овој месец драстично се зголемија платите на хрватските функционери, што ќе го дигне и државниот просек, но тоа нема да им го олесни животот на обичните граѓани.
-Растат и просечните плати, но ни најмалку драстично и тешко следејќи го растот на цените, констатира „Пословни дневник“ и прашува колку би требало да биде просечната плата за да може без поголеми тешкотии и стрес да се подмират трошоците за режија, станарина, кредит, облека, хигиена, култура, забава и барем еден годишен одмор надвор од местото на живеење.
Одговорот го дава економскиот аналитичар Љубо Јуриќ, кој за Н1 вели дека висината на таа плата во Хрватска би требало да биде 2.000 евра.